Едуардо се врати на терен по девет месеци пауза
По 300 дена пауза поради скршеницата на ногата хрватскиот репрезентативец и напаѓач на Арсенал Едуардо да Силва се врати на теренот. Одигра 45 минути против резервите на Портсмут во кои беше многу опасен, а во 43 минута погоди и статива. Сите во Арсенал се сигурни дека Дуду стави крај на агонијата, која траеше долго по крвничкиот старт на дефанзивецот на Бирмингем Мартин Тејлор, а за кој доби само три меча суспензија.
И на овој натпревар Едуардо заработи повреда, но таа е минорна и за две недели пак ќе биде во добра форма. „Почувствував мало истегнување на мускулот. Но лекарите ми кажаа дека тоа не е ништо. Си кажав на почетокот: „Оди до крај, без страв“. Се ослободив дури и при еден пожесток старт. Меѓу 15 и 20 минута ја почувствував таа болка за која зборував, но на десната нога. Си мислев дека не е ништо и продолжив да играм. Можеби требаше да излезам, но не сакав. Каква ли психоза тогаш ќе завладееше“, изјави Едуардо по натпреварот.
Многу познати фудбалери го следеа враќањето на Дуду. Меѓу нив беа Ван Перси и Денис Бергкамп, а првиот одушевено сето тоа го коментираше: „Работеше напорно и мина долг пат. Не посетуваше на тренинзи и со неколку потези ни кажа дека е оној стариот. Еднакво се движи како порано. А начинот на кој ги завршува акциите навистина е специфичен. Потребен ни е. Не можам да го споредам со ниту еден друг фудбалер. Можеби со Карлос Вела и двајцата се паметни пред голот“, смета Холанѓанецот.
Иронија: На дресовите на Сити ќе стои Јунајтед
Манчестер Сити се наоѓа на чекор до потпишување договор за спонзорство со авио компанијата од Обединетите Арапски Емирати „Етихад“ и раскинувањето на договорот со досегашниот спонзор компанијата „Томас Кук“. Иако, овој тим од овој договор треба да заработи преку 56 милиони фунти, што е повеќе од парите кои ги добива Манчестер јунајтед од „АИГ“, тешко дека било кој навивач на Сити ќе има желба да го купи новиот дрес. Имено, зборот „Етихад“ преведен од арапски на англиски значи обединети, односно јунајтед, па веднаш може да се претпостави дека новиот дрес ќе биде одбивен за секој навивач на Сити.
Капело ја крои англиската трева
Како што пренесоа англиските медиуми селекторот Фабио Капело влегол во судир, голем два милиметри, со шефот на „Вембли“ Стив Велч. Имено, италијанскиот стручњак сака висината на тревата на овој стадион да биде 17 милиметри, а не 19, колку што предложил Велч.
„Ова звучи неверојатно и покажува колку Капело ништо не препушта на случајот. Често доаѓа на стадионот само да види каква е тревата. Имаше и приказни дека со себе носи линијар. Бидете сигурни дека на крајот се ќе биде како што тој сака“, изјави извор вработен на „Вембли“. |