КУМАНОВО - Завчеравечер на реката Пчиња кај Доброшане близу Куманово се случи масовно труење на рибите. Управата на Спортското риболовно друштво „Пчиња“ од Куманово тврди дека се отруени најмалку еден тон риба на потегот од вливот на Кумановка во Пчиња до селото Студена Бара, во должина од десетина километри.
„Во доцните попладневни часови завчера двата брега на реката беа побелени од мртва риба“, вели шефот на рибочуварската служба на СРД „Пчиња“, Драган Младеновски.
Според сознанијата на друштвото, како и на кумановските спортски риболовци, рибите во Пчиња ги труе отпадна вода од приватна кожарница што се наоѓа покрај пречистителната станица. Друштвото на риболовците неколку пати поднесува кривични пријави против сопственикот на кожарницата, но резултати нема.
„Има ли сила во оваа држава што ќе ги натера загадувачите на нашите реки да си ги средат отпадните води. Прашуваме зошто сопственикот на кожарницата не се вклучи во системот на пречистителната станица од која е оддалечен само двесте метри“. Вака протестираат спортските риболовци од Куманово и се сомневаат дека нивните кривични пријави завршуваат во фиоките на надлежните инспекции и министерства додека не ги „прегази времето“. (Ст.Б.)