Најниско ниво на Преспанско во последните сто години

Преспанско Езеро сега е 458 сантиметри пониско од нултата точка
Последните мерења на нивото на водата во Преспанско Езеро покажаа дека тоа е 458 сантиметри пониско од нултата точка, која изнесува 847,60 метри. Ова не било забележано во последните сто години или откако постои служба што се занимава со мерење на водостојот, објавува агенцијата Нетпрес.
Слични вредности биле регистрирани во февруари, кога нивото на Преспанско Езеро било 449 сантиметри под нултата точка, како и во 2002 година, кога водостојот бил понизок за 446 сантиметри.
Има сознанија дека поголем пад на нивото на езерската вода имало само во времето на владеењето на Самуил во 11 век, кога ова езеро било пониско за шест-седум метри.
Во тоа време немало инструменти за мерење, но доказ за тоа се населбите што сега се под вода. Значи, тие биле градени на суво во време на големото паѓање на нивото на езерската вода, но потоа со зголемувањето на водостојот биле потопени, велат стручњаците. |