Хашим Тачи главен во трговијата со човечки органи
Премиерот на Косово веќе десет години се занимава и со продажба на дрога и оружје
Косовскиот премиер Хашим Тачи е лидер на криминална организација, која веќе десет години се занимава со продажба на дрога, оружје и човечки органи, се наведува во извештајот на Советот на Европа, кој спроведе двегодишна истрага. Тачи е опишан како „шеф“ на мрежа што почнала со криминални дејства во екот на косовската војна во 1999 година, а до денес има многу силно влијание и на власта и на криминалните организации. Извештајот од двегодишната истрага, во кој се цитираат ФБИ и други разузнавачки извори, го доби британскиот „Гардијан“. Во него се наведува дека Тачи во последните десет години „насилно ја контролирал“ трговијата со хероин на Косово.
Извештајот наведува дека врските на Тачи со организираниот криминал се од пред десет години кога приврзаниците на т.н. Дреничка група стана доминантна фракција во рамките на ОВК, а контролата на другите фракции и одметнати организации им овозможуваше да преземат контрола на поголемиот дел од илегалните работи на Косово.
Во извештајот се наведуваат имиња на уште четворица припадници на Дреничката група, кои „убивале, затворале, тепале и испитувале“ лица за кои се сомневале дека соработуваат со непријателите - Срби и Роми, а се додава дека светската јавност одлучила да ги игнорира злосторствата што ги вршеле косовските сили над Србите и другите малцинства во текот, но и по судирите, и дека најмалку пет странски разузнавачки агенции заклучиле дека Тачи и остатокот од Дреничката група биле на чело на организираниот шверц со хероин. Луѓето од блискиот круг на Тачи се обвинети за тајно пренесување луѓе преку границата во Албанија, каде што продавале органи, а уште пред неколку години се утврди дека таму се убивале српски затвореници за да можат да се продаваат нивните органи на црниот пазар.
Обвиненијата дека и ОВК во времето на судирите со српските сили учествувала во убивање Срби и продажба на нивните органи, потекнуваат од книгата на поранешната хашка обвинителка, Карла дел Понте. Како одговор на тие обвиненија, швајцарскиот сенатор Дик Марти го истражуваше случајот со тим од Советот на Европа.
Во извештајот се опишува и начинот на убивање и кражба на органите, што им дава кредибилитет на тврдењата на Дел Понте. Се опишува дека ОВК во своите логори главно држела Срби, и дека Дреничката група имала најголема одговорност за судбината на затворениците. Меѓу затворениците имало помал дел кој бил одведуван во импровизиран затвор недалеку од Тирана, каде што „ладнокрвно се убивале“, а потоа хирурзите соопштиле дека се спремни за вадење на органи. Истите Косовци и странци кои биле вклучени во тие убиства биле вклучени и во случајот што сега е пред судот.
Европскиот обвинител изјави пред Окружниот суд во Приштина дека седум луѓе обвинети за организирана меѓународна мрежа на трговци со човечки органи, ги искористувале мошне сиромашните луѓе од Молдавија, Казахстан, Русија и Турција, ветувајќи им по 15.000 евра за органите. Луѓето кои ги примале органите, меѓу нив Канаѓани, Германци, Израелци и Полјаци, плаќале меѓу 80 и сто илјади евра за органи, но жртвите никогаш не добиле компензација за продажба на сопствените органи“, изјави обвинителот на Европската унија, Џонатан Рател.
Петмина обвинети Косовци, дел од организацијата која наводно се занимавала со продажба на органи, се изјаснија за невини, а судењето е одложено до 6 јануари. Петмина државјани на Косово, меѓу кои и Илир Речај, поранешен висок функционер во Министерството за здравство, се обвинети за пет казнени дела, но никој не е приведен. Уште двајца, турскиот лекар Јусуф Сомнез и израелскиот државјанин Моше Харел, се на списокот на Интерпол за издадена потерница. Сомнез се обвинува и во други земји за учество во продажба на луѓе и вадење на органи. Обвинителството наведува дека лидер на криминалната организација бил косовскиот хирург Љуфти Дервиши. Тој наводно на конференција во Истанбул во 2006 година побарал некој кој знае да вади органи, а шест месеци подоцна го контактирал Сомнез. Дервиши и Сомнез ги изв��дувале операциите на клиниката „Медикус“ која ја водел синот на Дервиши, Арбан, исто така, обвинет. Харел ги „идентифицирал, регрутирал и транспортирал жртвите“ и осигурувал исплати со банкарски трансфери. Други двајца лекари, Сокол Хајдини и Дритон Јилта, исто така, се обвинети. Уште двајца лекари, израелскиот државјанин Заки Шапира и турскиот државјанин Кенан Демиркол, исто така, се наведени како „необвинети учесници“. (Индекс.хр) |