Монтиран процесот против шефот на „Викиликс“
Шведските власти го претвораат случајот за сексуална злоупотреба против Џулијан Асанж, основачот на „Викиликс“, во „монтиран процес“, тврдат неговите адвокати. „Конечно, по два часа слушнавме дека Швеѓаните сакаат да ја обжалат кауцијата и да му предизвикаат дополнителни проблеми на Асанж, поголеми трошоци и повеќе пречки“, изјави тој пред новинарите, пред судот за прекршоци од градот Вестминстер. „Ова навистина се претвора во монтиран процес, повторно ќе излеземе пред судот во следните 48 часа, штом ги добиеме сите информации. Тоа е несреќна околност, со оглед на тоа дека само пред неколку часа бевме многу смирени во однос на Асанж, а Швеѓаните ја зазедоа оваа позиција. Но, со оглед на нивниот судски прогон на Асанж можеби и не е некое изненадување“.
Претходно Стивенс ги пофали познатите лица што му дадоа поддршка на Асанж при неговото апсење, некои од нив понудија да дадат и 200.000 фунти гаранција за да го обезбедат неговото ослободување. „Имаме голем број луѓе што беа подготвени да дадат гаранција по 20.000 фунти“, изјави тој. „Џемима Кан, Бјанка Џегер, Џон Пилгер и Кен Лоуч, меѓу другите, се столбови на заедницата што го ризикуваа својот углед за да застанат зад него (Асанж)“.
Правниот тим на Асанж сега ќе го изведе случајот пред Врховен суд за да се обезбеди негово ослободување со кауција, додека тој и натаму ја чека екстрадицијата во Шведска. Стивенс изјави дека неговиот клиент „верува во британскиот правосуден систем“.
Јавни личности побараа да придонесат во фондот за ослободување на Австралијанецот што ги налути американските власти со организираното објавување илјадници тајни дипломатски документи. „Сега собравме речиси половина од сумата, но, секако, луѓето ќе сфатат дека дури и богатите не држат толкава сума дома“, додаде тој.
Истакнати јавни личности, вклучувајќи го и американскиот режисер Мајкл Мур, австралискиот новинар Џон Пилгер и британскиот автор Ханиф Куреиши, ветија поддршка за Асанж. „Добивам понуди од обични луѓе што доаѓаат и велат дека навистина сакаат да дадат свој удел во ова, Џулијан Асанж не треба да биде в затвор“, додава Стивенс. (Телеграф)
|