И Албанците без визи во ЕУ
Тирана - Албанскиот претседател Бамир Топи, по повод стапувањето во сила на одлуката за визна либерализација за граѓаните на Албанија, им честиташе на албанските граѓани за „добиената можност слободно да патуваат во Европа“.
„Денеска Албанците се слободни, бидејќи се реализира долгогодишниот сон. Ова е момент што ќе биде запишан со златни букви во албанската историја. Да се чувствуваш слободен, зборува многу“, изјави Топи.
Тој високо го оцени придонесот на сите фактори за „долгиот и тежок пат за реализација на овие аспирации“.
Албанскиот премиер Сали Бериша од своја страна им посака „среќен пат на сите албански граѓани што одлучиле да патуваат во земјите од шенген- зоната“, оценувајќи дека ова е „еден убав сон на албанските граѓани што стана реалност“. Според албанските медиуми. денеска е регистриран зголемен број патници на сите гранични премини за излез од Албанија. (МИА)
|