Вардар Про со нов состав во новата сезона
Тренерот Савевски доби 17 нови ракометари, клубот претходно го напуштија 11
Сашко Ѓ. Димовски
Што подолг престој во европскиот КПК, успешен настап во регионалната лига и одземање на барем една од двете титули во домашната сцена од Металург се амбициите со кои новиот состав на Вардар Про ќе стартува со подготовки за новата сезона. Раководството на „црвено-црните“ вчера организира и официјална промоција на составот кој како никогаш досега доживеа длабок рез. Од ланскиот ростер заминаа голем број ракометари. Дел од нив се преселија кај градскиот ривал Металург (Петар Ангелов, Никола Митревски, Велко Маркоски, Златко Мојсоски), Бранислав Ангеловски ќе ја продолжи кариерата во романска Констанца, засега без ангажман се Гоце Макалоски, Стевче Алушовски, Раде Стојановиќ, Мите Караиванов и Михајло Петровски, во Вардар Про ќе го нема и Ѓорѓе Пешиќ. Меѓутоа не е мал бројот и на новајлии во екипата. Ги има дури 17 во Борко Ристевски (Металург), Левко Наумоски (Брага/Португалија), Клинчаров (Умаг/Хрватска), Реваз Чантурија (Златен даб), Немања Грбовиќ (Будуќност/Црна Гора), Илија Белоевиќ (Кечкемети/Унгарија), Божидар Надовеза (Бенфика/Португалија), Жарко Пејовиќ (Будуќност/Црна Гора), Марко Јокиќ (Смедерево/Србија), Рајко Продановиќ (Антекера/Шпанија) кои заедно со Даскаловски, Чаневски, Паунков, Јовчевски, Ојлески, Ордев, Пецаковски, Кукоски, Ангеловски и Георгиевски треба да создадат компактна целина која ќе биде рамноправна на сите фронтови под водство на Љубомир Савевски, селектор на македонската машка ракометна репрезентација.
„Можам да кажам дека сум задоволен од нашите активности на пазарот ова лето. Успеавме да придобиеме квалитетни ракометари чија просечна возраст е 24 години. Повеќето од нив потпишаа тригодишни договори со Вардар Про. Сега не' очекува макотрпна работа на воигрување на екипата“, изјави Савевски на вчерашната прес-конференција.
Црвено-црните веќе обезбедија учество на три силни турнир во подготвителниот период. Ова посебно се однесува на традиционалниот ракометен настан во Добој во кој македонскиот вицешампион ќе се натпреварува во група со екипите на Босна, Чеховски Медведи (Русија) и Монпелје (Франција). |