Г.г. Стефан поважен од Иванов
Билјана Јовановска
В понеделник, спроти државниот празник Св. Климент, во малата сала на Домот на АРМ ќе се одржи свечена академија. И се' би било в ред и во рамките на вообичаените празнични одбележувања, доколку во улога на домаќин на Академијата, посветена на светителот, не се јавува претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Уште позачудувачки е фактот што на присутните прв ќе им се обрати архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, а дури потоа свое обраќање ќе има и претседателот на државата или како што стои во поканата „Неговата екселенција д-р Ѓорге Иванов“.
Дали некој сака да порача дека во Република Македонија имаме официјална државна религија? Или, можеби некој свесно го измешал тенџерчињата, па навистина веќе не се знае кај завршува световната власт, а каде почнува духовната. Важи ли уште член 19 од Уставот на РМ, во кој стои дека „Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот“ или некој во меѓувреме го укинал и секуларниот карактер на државата е минато?
Мирјана Најческа, експерт за човекови права, смета дека во направениот распоред на обраќањата е направен своевиден преседан.
„Редоследот е измешан, бидејќи во него не само што се дава еднаква важност на највисокиот претставник на една верска заедница и се поставува прашањето не само за секуларноста за државата, туку и за почитувањето на едно од основните права на граѓаните, а тоа е да имаат различни верски и други уверувања. Досега не сме виделе постапување на еднаков начин за други верски дефинирани празници. Меѓутоа, она што е пострашно е дека дел од историјата и традицијата на нашата држава и на македонскиот народ се поврзуваат, пред се', ако не и единствено, со една верска определба“, смета Најческа.
За проф. Тања Каракамишева од Правниот факултет многу е важно какви ќе бидат обраќањата на свечената Академија.
„Ако претседателот Иванов има само куртоазно обраќање, некаква порака за празникот, тогаш е в ред, но доколку го претвори во политички говор во кој ќе се изврши злоупотреба на настанот за редење на политичките успеси, тогаш целата замисла не е в ред“, вели професорката.
Врските на државата и црковните великодостојници кај нас се исклучително нагласени, но досега на вакви настани не се практикувале обраќања на првите луѓе од власта и од Црквата. Во секуларна држава тие две работи не одат рака под рака. Рускиот теолог Булгаков, дефинирајќи ги ваквите релации, предупредил: „Црквата не би смеела да се врзува за ниту еден режим, зашто кога ќе падне тој, Црквата останува вдовица“. Кај нас ова очигледно не функционира, зашто
бракот меѓу МПЦ и актуелната власт опстојува и покрај промените. |