Посложенa процедура до бебе од епрувета
Комисијата се' уште не почнала до работи иако има осум стасани барања
Јасмина Јовановска
За само две недели откако тргна новата процедура за остварување на правото на вештачко оплодување на товар на државата, до Фондот за здравствено осигурување стасаа барања од осум брачни пара. И покрај тоа што интересот за бебе од епрувета расте од ден на ден и барањата се натрупуваат, фондовската Комисија се' уште не почнала да работи. Комисијата, која својот прв состанок за разгледување на барањата го најавува дури неделава, одржала само основачко заседание на кое бил донесен деловник за работа и бил именуван составот. Оваа динамика значи дека заинтересираните брачни двојки треба да чекаат најмалку еден месец за одговор.
И тогаш не завршува се'. Затоа што Комисијата може да побара дополнителни испитувања, со што времето за добивање дозвола за бебе од епрувета уште повеќе се пролонгира. Брачните парови коментираат дека полека почнува да се остварува скептичната прогноза дека со воведување на фондовската Комисија, која ќе визира право за оплодување ин витро, само ќе се усложни процедурата и ќе се зголеми времето на чекање за оваа метода. Со тоа добива само Фондот.
Од Фондот за здравствено осигурување се правдаат дека Комисијата била формирана на 6 август, а тогаш имало само едно барање. Затоа, не заседавале додека не се соберат повеќе барања. „Досега до Комисијата се пристигнати осум предмети од подрачните служби. Неделава, Комисијата ќе се состане и ќе ги разгледа. Ќе се направи записник во кој точно ќе биде забележано колку предмети се позитивно решени, колку негативно, а колку од осигурениците што аплицирале се испратени на дополнителни испитувања“, објаснуваат од Фондот за здравствено осигурување.
На осигурениците-апликанти ќе им се испраќаат известувања веднаш по заседавање на Комисијата и тоа по писмен пат, убедуваат од Фондот. Од оваа институција уште сметаат дека не доцнат со разгледување на барањата, иако кога беше промовиран новиот систем, директорката на ФЗО, Маја Парнарџиева - Змејкова, најави дека Комисијата ќе се состанува два пати неделно.
Комисијата за биопотпомогнато оплодување брои четири члена, а за претседател е именуван професор д-р Славејко Сапунов од Клиниката за гинекологија, номиниран од Министерството за здравство, заедно со неговиот заменик, како лекари со искуство во постапката ин витро. Но, кој е тој, од ФЗО не откриваат. Од другите членови, еден е матичен гинеколог, а двајца лекари се избрани од ФЗО.
Од Фондот уште уверуваат дека во апликацијата за оплодување ин витро брачните парови нема да имаат проблеми, зашто изминатите три недели имало едукација на матичните гинеколози. „Со сите 120 матични гинеколози од државата, на регионално ниво, се одржаа работилници и состаноци на кои е извршена презентација за постапката ин витро од сите нејзини аспекти, како и на обрасците за ин витро“, појаснуваат од Фондот.
За разлика отпорано, кога брачните парови за вештачко оплодување директно се обраќаат во болниците каде што се врши оваа метода, сега, за да може да добијат дете од епрувета, мора да поминат подолга процедура. Прво се јавуваат кај матичниот гинеколог, со кого ќе треба да ги направат сите испитувања и со таа документација да се обратат до најблиската фондовска подрачна единица, која ќе одлучува за нивното барање. Ако добијат согласност, брачните парови избираат болница за оплодување ин витро.
Повеќе нема квоти за болниците. За оваа година Фондот има одобрено пари за 1.400 постапки ин витро, а покрива 80.000 денари. Со новиот правилник јасно е дефинирано кој има право на вештачко оплодување и кои услови претходно треба да исполнува. Така, мора да има четири инсеменации, вшприцување на спермата во матката, за да може да оди на ин витро. Сите три постапки треба да се направени во наши болници, а оние во странските не се признаваат. И натаму на товар на Фондот се можни само три обиди, и меѓу два мора да има пауза од шест месеци. Брачните парови имаат право само за едно дете од епрувета. (Ј.Ј.) |