Иванов и Рамковниот: го напаѓа или го брани?
Претседателот на државата во деликатна позиција околу Рамковниот договор што некогаш жестоко го напаѓаше
Соња Крамарска
Говорот што го одржа претседателот Ѓорге Иванов минатиот петок, посветен на 9-годишнината од Рамковниот договор, веројатно бил највнимателно составената содржина од неговиот кабинет. Иванов, кој пред девет години настапувајќи на трибините посветени на Рамковниот договор немаше доволно зборови за да го искаже своето силно противење кон него, денеска се наоѓа во невозможна ситуација, да го брани и спроведува овој „мировен документ“ на Македонците и Албанците.
Велат дека во политиката перцепцијата е се'. Иванов, се' уште не оддава впечаток дека како ��ретседател на државата е стопроцентно уверен во исправноста на Рамковниот договор и во потребата политичкото раководство на земјата да биде негов најсилен поддржувач.
„Како универзитетски професор имам многу да кажам за Рамковниот договор, но кога сте политичар, позицијата е поинаква“, резигнирано ќе констатира тој во своето петочно обраќање по повод годишнината од Рамковниот договор. Што сакаше да каже Иванов? Дека неговите приватни ставови кон Рамковниот договор го кочат како политичар, или обратно, фактот што е политичар го кочи да го искаже своето приватно мислење за Рамковниот договор?
Многу е непријатно и збунувачки кога такви двосмислена изјави за важни политички прашања во државата доаѓаат од највисоко ниво од каде што граѓаните очекуваат прецизни одговори и лидерство, а не неодредени ставови.
Всушност, политичката десница во Македонија речиси и не крие дека не верува во Рамковниот договор како модел за соживот меѓу Македонците и Албанците. Премиерот Груевски во петокот, кога Албанците со повеќе манифестации го славеа Рамковниот договор, го помина подалеку од светлата на камерите, и не даде ниту една изјава во врска со него. Не се појави ниту на прославата во „Александар палас“ организирана од „албанскиот“ дел на неговата Влада.
Тоа, во обични околности не мора да се толкува како важен политички сигнал, но историјатот на негирањето на ВМРО-ДПМНЕ на Рамковниот договор и одбивањето на Груевски во 2006 година да склучи коалиција како што велеа тогаш со „терористи“, фрла сосема поинаква светлина. Рамковниот договор за премиерот очигледно е инструмент да ја одржува Владата со ДУИ, и ништо повеќе.
Љубомир Фрчкоски, кој беше противкандидат на Ѓорге Иванов на изборите и е еден од креаторите на Рамковниот договор, вели дека Иванов како претседател тешко може да покаже јасна позиција кон Рамковниот договор, бидејќи во минатото беше негов жесток противник. „Тој сметаше дека води кон етнизација и културно распарчување на Македонија“, вели Фрчкоски.
„Сега целата политичка елита од власта е искрена - го одбива Рамковниот договор и работи на него одвреме-навреме кога е притисната однадвор или од Али Ахмети“, смета Фрчкоски.
Најсилниот напад на Иванов врз Рамковниот договор се случи со неговата изјава дека тој е „скап проект чие одржување бара 8 илјади долари годишен приход по глава на жител, а Македонија засега едвај исполнува половина од таа сума“. Гледано изолирано, тоа, дури, може да звучи и како коректна изјава со оглед на економската ситуација во Македонија, но, од друга страна, тука е безмилосното трошење пари од буџетот во режија на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа ја прави изјавата на шефот на државата, кој е во хармонична кохабитација со владејачката партија, најблаго речено, да звучи како хипокризија.
„Ако е тоа скап проект, тогаш што да се каже за парите што ги инвестира Владата во градење споменици од македонската етничка заедница“, реплицира Фрчкоски. Ова, додава тој, не е во согласност со принципот на инклузивност, кој е составен дел на Рамковниот договор, односно вовлекување на сите етнички заедници во системот, преку праведна распределба на буџетските пари.
Јавна тајна е дека владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го користат Рамковниот договор за вработување свои партиски членови во државната и во јавната администрација. „Но, додека кадрите на ДУИ се примаат во транспарентна постапка и се приложуваат како доказ за исполнување на Рамковниот договор, кадрите на ВМРО-ДПМНЕ ги примаат скришум во администрацијата“, вели Фрчкоски.
Ова несомнено е уште едно извртување на принципите на Рамковниот договор во полза на владејачките елити. Нестручноста во јавната администрација веќе го вклучи алармот, а искуството покажа дека партиските списоци се посилен критериум при вработување отколку степенот на образованието и способноста на кандидатите.
Албанската партија ДУИ, зафатена со организацијата и подготвувањето коктели за прослава, пропушти да се изјасни за овој најнов поглед од врвот на државното раководство кон Рамковниот договор.
Меѓутоа, здравиците во раскошниот ентериер на „Александар палас“ и претходно во „Холидеј ин“ не можат да го отстранат впечатокот дека Рамковниот договор полека, но сигурно се инструментализира. Тоа води кон опасна ситуација - негови противници да бидат и политички кругови од албанска страна, а не само од македонска страна. Но, разликата е во тоа што противниците од албанскиот политички кампус се маргинални структури, додека во македонскиот политички кампус тоа доаѓа од највисоко ниво. (С.К.) |