Приведени шверцери на смрзнато месо од Австралија
КУМАНОВО – СВР - Куманово вчера поднесе кривични пријави против И.А.(45) и А.Е. (26) од Слупчане, Кумановско, поради сомневање дека шверцувале месо со непроверен квалитет од Косово во земјава. Според полицијата, полициска патрола при преглед на товарно возило со кумановски регистарски таблички завчера открила повеќе пакети смрзнато говедско месо без соодветна царинска и друга документација. По запленувањето на стоката, при распит во кумановската полиција, И.А. признал дека од Косово набавил 3.175 килограми смрзнато месо со потекло од Мелбурн, Австралија, со намера да го пласира на пазарот во Куманово.
Товарот од Косово во Македонија по илегален пат е префрлен во реонот на планинското село Белановце по што било препакувано во картонски кутии за полесен транспорт до крајните потрошувачи. Превозот на месото требало да го изврши А.Е. (26) од Слупчане за надомест од 100 евра. Патем, од Слупчане кон Куманово возилото било забележано од полициска патрола, при што И.А. скокнал од кабината и побегнал, додека возачот продолжил да вози. Околу 22,30 часот, полицијата го запрела возилото во близина на бензинската станица ,,Алија петрол“, кај селото Оризаре. Набргу потоа на местото на настанот се појавил избеганиот И.А., кој изјавил дека е сопственик на сомнителното месо. (Ст.Б.)
|