Пронајдено возилото на таксистот, опожарено и со јагленосано тело во него
Синот не може да препознае дали станува збор за таткото Бајрамали Адеми, кој исчезна пред 12 дена
Киро Кипроски
Гостивар - Возилото на исчезнатиот таксист Бајрамали Адеми, во кој имало јагленосано тело, е пронајдено опожарено на локален пат меѓу гостиварските села Куново и Трново. Автомобилот го пронашол синот на таксистот, кој трагаше по исчезнатиот татко веќе 12 дена.
На трагата ги навеле жители на село Трново, кои завчеравечер го посетиле домот на исчезнатиот таксист. Тие му кажале на вознемиреното семејство дека овчарчиња кои ги пасат овците забележале изгорено возило во шумата. Веднаш синовите на таксистот, нивни роднини и пријатели заминале за село Трново и во три групи по околу осум часа пребарување на теренот, го пронашле возилото.
Синот на таксистот кога го пронашле возилото потврдил дека станува збор за „опел астра караван“, кое го возел 56-годишниот таксист, но не можел да го идентификува јагленисаното тело кое е пронајдено на задното седиште на опожарениот автомобил. Дополнителните проверки и анализи треба да покажат дали станува збор за Бајрамали Адеми од гостиварското село Долна Бањица, по кој неговото семејство трагаше речиси две недели.
Возилото го пронашол синот на таксистот на локален тешко прооден на планината Сува Гора
Возилото е пронајдено на локалниот макадамски и тешко прооден пат меѓу гостиварските села Куново и Трново, на планината Сува Гора, дваесетина километри југоисточно од Гостивар, вчераутро околу 4,30 часот. Го пронашол Јашар Адеми, син на таксистот, кој на задното седиште од опожаре��иот „опел” забележал јагленосан труп, за што ја информирал полицијата.
„Глетката беше стравотна. Целиот се наежив. Возилото беше изгорено. На задното седиште се наоѓаше јагленисан труп кој беше врзан”, низ солзи и со голема болка во душата раскажува Јашар. „Дали јагленосаното тело е на татко ми или не, не можев да го идентификувам. Веднаш ја известив полицијата“, додава тој.
Според Адеми, опожареното возило на местото каде што беше пронајдено се наоѓало повеќе дена, бидејќи над возилото имало лисја, а на неколку места било кородирано.
Местото каде што беше пронајдено возилото го обезбедуваше полицијата и не дозволуваше пристап ниту на новинарските екипи. Во попладневните часови истрагата ја започнаа екипи на крим-техника на МВР, истражен судија на Основниот суд Гостивар и заменик-јавен обвинител. Истрагата треба да утврди чие е јагленосаното тело кое беше пронајдено во опожареното возило. Исто така, треба да ги утврди околностите како такси-возилото „опел астра караван“ завршило во овој непрооден предел.
Таксистот Бајрамали Адеми исчезна ноќта меѓу 20 и 21 јуни. Неговиот син раскажуваше дека околу 22 часот татко му заминал на работа, како што вообичаено му било навика во изминатиот период. Неговите колеги за последен пат го виделе еден час по полноќ на 21 јуни, на такси-паркингот пред зградата на ХЕЦ „Маврово“ и оттогаш му се губи секаква трага. Ноќта не дошол дома, а кога не се појавил ниту утрото, а мобилниот телефон му бил исклучен, исплашениот син го пријавил случајот во полиција. По дванаесет дена безуспешна потрага, завчера 150 негови колеги протестираа, барајќи од институциите поголема ефикасност при пронаоѓањето на исчезнатиот таксист. |