Обдукцијата готова, траги од крвта на Танески најдени и кај трета жртва?
Крвта пронајдена на облеката на Темелкоска и на Личоска се совпаднале со крвта на новинарот
МВР најави нови сознанија за случајот, но не се знае кога ќе бидат презентирани: улицата каде што живееле убиените жени
Институтот за судска медицина во Скопје ја изготви обдукцијата на телото на кичевскиот новинар Владо Танески (56), осомничен дека е серискиот убиец на жени. Извештајот се очекува да биде проследен до истражниот судија, а потоа и до надлежните во судот во Гостивар. Форензичарите одбиваат да соопштат до какви сознанија дошле во текот на обдукцијата, почитувајќи ги законските прописи. Сепак, според првичните сознанија се говореше дека обдукцијата потврдила дека Танески починал од давење, на што укажувале трагите од вода пронајдени во неговите бели дробови, но форензичарите направија и реконструкција со цел да утврдат како е можно возрасен човек да се удави во кофа со вода.
Неофицијално се дознава дека форензичарите, независно од полициската истрага, зеле примероци од биолошки материјал пронајдени кај Љубица Личоска (55), која во февруари годинава беше пронајдена кај преслапот Стража, како и кај последната жртва Живана Темелкоска, чие тело беше пронајдено пред два месеца кај стадионот на ФК „Влазрими“ во Кичево. Наводно, остатоците од крв пронајдени на облеката на жените целосно се совпаднале со крвта на Владо Танески.
МВР најави нови сознанија за случајот што го следи и светската јавност, но кога ќе бидат презентирани се' уште не се знае. Танески е осомничен дека ја убил Живана Темелкоска (65), а докази биле пронајдени и за убиството на Митра Силјаноска (61), чие тело беше пронајдено пред три години кај недоизградената сала во Кичево. За грозоморното убиство на Силјаноска и на Радослав Божиновски (68) од Малкоец, на доживотен затвор беа осудени кичевците Анте Ристески (31) и Игор Мирчески (28). Полицијата се сомнева дека Танески ги убил и Љубица Личовска, како и Горица Павлевска, која е исчезната веќе пет години. Два дена по апсењето, односно триесетина часа откако беше сместен во ќелија во тетовскиот затвор, Танески беше пронајден удавен во кофа во која имало два литра вода. (Д.Т.-Г.А.) |