Советничката на Ставрески претерала со членство во управни одбори
Димовска без одговор дали најде конфликт на интереси кај директорите на УЈП, Горан Трајковски, на Царинската управа, Ванчо Каргов, и на Заеднички служби на Владата, Васе Доневски
Антикорупционерите се' уште чекаат информации за покрупните риби
Катица Чангова
Ангажманот на Наташа Стојмановска, советничка на вицепремиерот Зоран Ставрески за економски политики и регулаторни реформи, која членува и во уште четири одбори, три управни и еден надзорен, претставува конфликт на интереси.
Ова, меѓу другото, го потенцира Државната комисија за спречување на корупцијата на вчерашната прес-конференција, кога обелодени листа на уште седум службени лица кои претерале со функции. Меѓу нив има пратеничка и шест државни службеници кои членуваат просечно во два одбора на јавни претпријатија, фондови, агенции, комисии...
На списокот на инкриминирани во судир на интереси е и Владимир Цветиновски, кој не е државен службеник, но затоа членува во два управни и во еден надзорен одбор. Поради тоа, Цветиновски добива статус на службено лице, објаснија антикорупционерите.
Покрај плата, по две функции плус за кои земаат месечни надоместоци од сто, двесте или повеќе евра, имаат и Иво Котевски, помошник-министер за односи со јавност во МВР, Петар Есмеров, државен секретар во Министерството за одбрана, Маја Парнаџиева, Славче Трпески и Рухи Бакиу. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Косана Николиќ-Мазнева, нема право да членува во одбори, поради неспојливост на функции, истакнаа во ДКСК.
„Нема банка на податоци кој од службениците каде и на колку места е ангажиран. Но, превисоката акумулација на функции го зголемува ризикот за злоупотреби. Затоа се обративме до секое од службените лица да се откажат од членувањето во повеќе од еден управен или надзорен одбор“, нагласи претседателката на Антикорупциската комисија, Мирјана Димовска. Таа кажа дека за конфликтот на интереси во материјалните закони постои големо шаренило.
Сепак, првата антикорупционерка немаше конкретен одговор дали најде конфликт на интереси кај покрупните риби, како што се директорот на УЈП, Горан Трајковски, директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов, и директорот на Заеднички служби на Владата, Васе Доневски.
„Чекаме информации. За нив постапуваат други државни органи. Тоа беше објавено во медиумите“, изјави претседателката Димовска. Таа едвај кажа дека тој орган бил Уставниот суд и притоа не пропушти да ги искритикува новинарите (нејзините колеги, н.з.) за кои, како што рече, било проблем што не знаеле кои се тие инст��туции.
Како што е познато, Трајковски, Каргов и Доневски се именувани за претседатели на управните одбори во „Комунална хигиена“, „Водовод и канализација“ и во ЈСП. Градоначалникот на Скопје, Трифун Костовски, ја потпиша одлуката за именување на овие владини луѓе, но изјави дека нивното ангажирање е противзаконско. Костовски образложи дека на нивните матични работни места биле именувани од Владата, а дека тие функции се неспојливи со челните во одборите.
Антикорупционерите донеле одлука за поведување три иницијативи за кривично гонење одговорни и службени лица во ТЕЦ „Неготино“ и во општините Кривогаштани и Дебарца. Одговорните лица од ТЕЦ „Неготино“ во државна сопственост, во текот на 2006 година, ја искористиле службата, овозможувајќи незаконско трошење пари. Во 2005 година, без постапка за јавна набавка потрошиле државни пари во висина од 9.041.000 денари по разни основи, а во 2006 вредноста на незаконските набавки е во висина од 6.938.000 денари.
Одговорни службени лица во Кривогаштани од 2002 до крајот на 2005 ја злоупотребиле службената положба и за себе или за други прибавиле имотна корист. Спротивно на Законот, извршени се набавки на добра и на услуги во вредност од 940.000 денари. Службени одговорни лица во општината Дебарца во 2006 ја злоупотребиле службената положба, донеле одлука и склучиле договор за давање на користење недвижен имот на oпштината и на државата. |