Квотите за лекови како експеримент со пациентите
Со финансиската инфузија од еден милион евра, ФЗО, практично, ги враќа старите квоти на лекови
Јасмина Јовановска
Новата формула за одредување на износот на пари за лекови во аптеките се сведе на експеримент на Фондот за здравствено осигурување, а пациентите, кои два месеца беа во потрага по лекарства, се само колетарална штета на тој опит. Како поинаку да се протолкува инфузијата од еден милион евра, со која ФЗО, практично, се враќа на речиси старите квоти на лекови што важеа пред да стапи во сила новиот правилник. Со најновите измени за аптеките во Скопје се определени дополнителни 16 милиони денари за мај, а исто толку и за јуни. Лани квотата за лекови за Скопје беше околу 54 милиони денари, а годинава беше намалена на 34 милиони денари. Оттука, велат добро упатени извори, може да се заклучи дека ФЗО, сепак, ги скратил парите за лекови, иако од оваа институција не го признаваат ова. Уште повеќе што со финансиската инфузија ќе се интервенира само во 12 града каде што и е и најголема потрошувачката и каде што информациите беа дека се направени најголеми рестрикции во квотите за лекови.
Вториот менаџер на ФЗО, Јанез Јелникар, излезе со податок дека потрошувачката на лекови за првите три месеци е околу 420 милиони денари. Кога се промовираше новата формула за квотите, директорката на ФЗО рече дека месечната квота за лекови за сите аптеки е 111 милиони денари. Доколку се направи проста математика, тогаш ќе излезе дека за три месеци ФЗО одредил 333 милиони денари, што е за околу 90 милиони денари помалку од реалната потрошувачка на лекови, која е 420 милиони денари. Со оглед дека ФЗО или, пак, Владата, сега интервенира со 60 милиони денари за два месеца, или 30 милиони денари за еден месец, излегува дека Фондот се враќа на истото ниво на средства од пред новата формула за квотите, велат стручњаците. Тие уште додаваат дека ФЗО иако не дирекно, на индиректен начин, сепак, потврди дека со новата формула беа скратени квотите за лековите.
И во Фармацевтската комора велат дека со најновите измени со квотите, ФЗО само потврди дека новиот правилник не е добар. „Со ова се покажа дека експериментот што Фондот се обиде да го направи не беше успешен и сега се враќаме на старото“, вели Лидија Този, претседател на Фармацевтската комора.
Според калкулациите на Комората, со новата формула квотите во аптеките годинава во споредба со лани беа намалени за 30 отсто (за цела држава), иако во Фондот тврдеа дека промени нема. И во Комората велат дека квотите ќе се зголемат во 12 града, и тоа во оние каде што нивните информации покажуваа дека има најголем недостиг.
Добро упатени високи извори коментираат и дека Фондот постојано дава различни податоци, па на крајот излегува нејасно колку навистина пари се даваат за лековите од позитивната листа. „Во мај биле распределени 111 милиони денари. Ако се соберат парите за 12 месеци, ќе се види дека на годишно ниво парите за леко��и од позитивна листа се 1,3 милијарди, а не 1,8, како што објаснува Фондот“, додаваат истите извори. |