Исчезнатите документи не биле за „Скопје 2014“
За изречени невистини Канческа-Милевска најави кривична пријава за Игор Ивановски
Снежана Калабакова
„За ниеден објект од проектот ’Скопје 2014‘ не недостасува ниту документација ниту, пак, нешто што е поврзано со музејот на ВМРО“, изјави вчера на прес-конференција министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска категорично демантирајќи ги обвинувањата на СДСМ за наводната афера „патриотска метла“. Таа, сепак, призна дека недостасуваат документи за 14 поништени јавни набавки, но од тоа немало штета бидејќи биле одамна завршени и немале врска со големиот проект.
Во тесната просторија во која од изложената документација за „Скопје 2014“ немаше место за новинарите, министерката за култура ги оквалификува обвинувањата од социјалдемократите како клевета, лаги и исинунации со кои е нанесена штета на работата на Министерството за култура, но и на угледот и честа на првиот човек. Затоа Канческа-Милевска најави дека кривично ќе го гони членот на извршниот одбор на СДСМ, Игор Ивановски, и објави дека веќе поднела пријава до Јавното обвинителство. Таа го повика Ивановски да оди во Министерството со експерт што тој ќе го одбере и да направи увид во целокупната документација од проектот „Скопје 2014“.
Исчезнатите документи, меѓу другото, биле конкурси за идејно решение за нобеловци, за ликовно решение и други постапки спроведени во време кога таа не била министерка. Појасни дека во јули годинава кога требало да се уништуваат материјали од 2004 година било утврдено дека одредена документација не може да се најде, за што било информирано и МВР. Откако била формирана работна група за решавање на проблемот, документацијата, меѓу која била и онаа за ентериерот за музејот на ВМРО, била најдена и сега се наоѓа во институцијата. Министерката навести дека државните службеници ќе сносат санкции за пропустот, а какви, не можеше да прецизира пред затворање на случајот.
Канческа-Милевска го повикала Државниот ревизор да направи контрола во нејзиниот ресор. Објасни дека Министерството за култура не одговорило веднаш на обвинувањата од СДСМ, оти сметала таа треба лично да излезе пред јавноста и да каже дека станува збор за груби манипулации. Притоа министерката рече дека на маса се наоѓа целокупната документација за Музејот на ВМРО, Театарот, Филхармонијата и Триумфалната порта.
„Министерството за култура постапува законски. Според Законот за информации од јавен карактер секој може да направи увид во проектите. Јавните набавки се спроведени транспарентно, со присуство на медиуми и невладини организации. Сите договори во однос на овие проекти најтранспарентно беа објавени на веб страницата на јавни набавки, што значи работиме чесно и транспарентно“, потенцира министерката за култура.
Таа категорично демантираше дека станува збор за некакво перење пари и додаде дека надзорен орган води дневник за сите потрошени количини од градежен материјал, а дека има и проектантски надзор.
За восочните фигури во музејот на ВМРО ќе бидат потрошени 1,5 милиони евра, обелодени Канческа-Милевска, инфраструктурата за објектот ќе чини 4 милиони евра, а за внатрешното уредување ќе бидат потребни 189 илјади денари. Досега за проектот биле исплатени 3 милиони и 700 илјади евра.
|