Интервју
Нашите обвиненија не доживуваат фијаско
Јован Илиевски, прв човек на специјализираното Обвинителство за организиран криминал
Гордана Дувњак
Обвинителе Илиевски, неодамна новинарите Ве обвинија дека се криете од јавноста за да избегнете незгодни прашања. Што е тоа што не сакате да Ве прашаат?
Никогаш не сум бегал од новинарите, но вашите колеги треба да имаат разбирање и да знаат дека не може за сосема други поводи, каде што и јас сум поканет како гостин, да ми поставуваат прашања од нога. На еден сериозен обвинител не му личи да одговора на улица за сложени прашања, но очигледно тој ден на новинарите им беше потребно од моето непојавување да направат сензација. Индикативно е и тоа што наредниот ден не се јави ниту еден новинар за да праша околу тоа што претходно толку многу ги интересираше.
Колку формирањето посебно обвинителство за борба против организиран криминал и корупција го оправда своето постоење?
Во времето кога се подготвуваше сега важечкиот Закон за Јавно обвинителство, во стручните кругови во државата се разви широка полемика за тоа дали е потребно да се формира посебно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција или треба да се задржи дотогашното решение. Ставот на обвинителите во тогашното Одделение за борба против организираниот криминал, а и мојот личен став беше дека треба да се формира специјализирано јавно обвинителство како посебна организациона единица во системот на јавнообвинителската организација. Ваквиот став не беше осамен, а посебно поддршка добивме од меѓународниот фактор.
Во првата година од своето постоење Обвинителството постапуваше по 150 предмети, поднесе барања за спроведување истрага против 297 лица, поднесе обвиненија против 255 лица, беа донесени првостепени пресуди против 160 обвинети лица, од кои против 148 обвинети лица осудителни пресуди, а против 12 лица ослободителни пресуди. Со осудителните пресуди на 143 обвинети лица им е досудена казна затвор, на три обвинети лица им е изречена алтернативна мерка - условна осуда, а на две обвинети лица парична казна. Обвинителството се вклучуваше во работата по предметите уште во многу раната фаза на постапката, односно во предистражната постапка, раководејќи ја таканаречената полициска истрага. Во 64 случаи беа применети посебни истражни мерки, беа поднесени повеќе предлози за обезбедување средства и имот, за конфискација на имот и имотна корист како и одземање на предмети прибавени со кривично дело.
Каква е соработката со државниот јавен обвинител и колку се почитува принципот на субординација?
Соработката со јавниот обвинител на Република Македонија ја оценувам како исклучително добра. Во практиката, можам да кажам дека строго се почитуваат законските одредби, така што не постои можност Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да излезе надвор од законски воспоставената пирамида, односно да „избега од контрола“. Впрочем, нема ни причина за такво нешто.
Чувствувате ли одговорност за пресудата на Европскиот суд во Стразбур околу пресудата за „Змиско око“ за колективните притвори без образложение, поради што државата ќе мора да плати обештетување?
Се заборава дека Јавното обвинителство дава предлог за определување притвор, а одлуката ја носи истражниот судија и секогаш мерката се однесува на конкретно лице, а не колективно. Тоа може да се види и во конкретниот случај, каде што за дел од нив не беше определен притвор, а за од некои беше повлечен во текот на истрагата. Значи, дека останувам на тврдењето дека притворот беше определен за оние што беше потребно.
Каде ги гледате причините за тоа што голем број корупциски случаи завршуваат со судско фијаско и се враќаат на повторно одлучување?
Во вашето прашање ми пречи зборот „фијаско“. Би било неприродно сите поднесени обвиненија да завршат со осудителна пресуда и сите пресуди на пониските судови да бидат потврдени од страна на повисоките судови. Тоа би било сигнал дека нешто не е в ред со постапувањето на судот, едноставно, тоа би било едноумие.
Укинатите пресуди беа и се' уште се предмет на анализа на стручните колегиуми на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Ги лоциравте ли грешките?
Констатирано е дека во определени предмети повисоките судови заземаат поинакви правни ставови од оние на обвинителството, за кои сметаме дека се во согласност со меѓународните конвенции, правната теорија и судската практика од земјите во регионот и пошироко. Ова се должи, пред се', на фактот што поради динамичните измени на законите и воведувањето многубројни нови институти се' уште не е изградена стабилна судска практика, а се чувствува недостиг и од правна теорија. Главно, разликите се однесуваат на сфаќањето на злосторничкото здружување, неговиот поим, значењето на термините организатор и припадник, начинот на докажувањето, како и дел од примената на посебните истражни мерки во откривањето, гонењето и пресудувањето на организаторите и припадниците на таквите здруженија.
Ќе се повлечете ли од некои квалификации во кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите?
Сметам ��ека е значајно да подвлечам дека сите укинати предмети се во работа и обвинителството и понатаму стои на ставовите изнесени во поднесените обвиненија. Веќе има предмети кои и во повторената постапка се пресудени и ги поминаа повисоките инстанции, од што може да се утврди дека нашите очекувања не се нереални. Сепак, јас не би прејудицирал ништо, ќе видиме какви ќе бидат одлуките на судот.
Во контекст на ова прашање само би истакнал дека од основањето на Одделението, а потоа и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција досега се потврдени 89 проценти од пресудите донесени по нашите обвиненија, што мора да се признае, е висок процент. За жал, во краток период беа укинати неколку пресуди за случаи што го привлекоа вниманието на јавноста и на тоа се должи погрешниот впечаток дека, ако не сите, а тогаш голем дел од пресудите се укинати.
Велите, мал број пресуди се укинати, но тоа се најсложените со голем број обвинети, како што се „Змиско око“, „Армиско оружје“, „Изгрев“, Тупурковски...
Во ЈО не ги класифицираме делата на важни и помалку важни, бидејќи сите се сложени и имаат своја тежина. Факт е дека во сложените предмети со многу обвинети постои поголема опасност да ни се „провлече“ некоја грешка и предметот да биде укинат и вратен на повторно одлучување. Но, не треба да се заборави дека голем број други сложени предмети ни е потврден. Сетете се само на „Бачило“, „Југ“, ОХИС, Петра Митева, убиството на специјалецот, „Арарат“. Меѓу нив има за перење пари, за трговија со луѓе.
Обвинителството никако не може да се одлепи од етикетата дека е продолжена рака на власта и за селективност во постапувањето. Зошто е тоа така?
Оваа констатација не е точна. Обвинителите не се партиски определени, односно не можат да членуваат во политички партии, ниту да се занимаваат со каква било политичка активност. Конкретно, во Обвинителството за гонење организиран криминал сите обвинители, без исклучок, се високи професионалци кои својата работа ја извршуваат најдобро што знаат и умеат. Тоа се обвинители со долгогодишно искуство и единствен критериум според кој Советот на јавните обвинители ги реизбра е нивната стручност и професионалност. Ве уверувам дека во нашето Обвинителство нема селективно постапување, односно сите пријави се земаат во работа со еднакво внимание, а се процесуираат оние предмети за кои ќе се оцени дека постојат квалитетни докази од кои основано може да се очекува добивање осудителна пресуда.
Постои убедување дека фамилијарните врски со Вашиот баџанак Сашо Мијалков се главната причина за напредувањата во Вашето семејство?
Со мојот баџанак имаме одлични лични и семејни односи. Тој е успешен во својата работа, а сметам дека и јас сум успешен во мојата. Од професионален аспект немаме допирни точки. Јас сум, така да речам, обвинител од кариера, обвинител сум долго време, во Обвинителството ги направив првите чекори во моето професионално работење како приправник, стручен соработник и во него ги поминав речиси сите инстанции.
Колку го оправдувате концептот за трансформација на улогата на обвинителот во кривичната постапка и за укинување на истражните судии?
Овој концепт, според мене, е целосно оправдан. Ваквото решение не е случајно, туку е плод на претходно извршени анализи и студии. Во Република Македонија беше постигнат „општ консензус“ за потребата од реформи во казнено-процесната област. Преку тие реформи е основано да се очекува дека ќе се зајакне независноста на Јавното обвинителство и ќе се зголеми неговата ефикасност. Со новиот Закон за кривична постапка, јавниот обвинител станува централна фигура во постапката, а истражниот судија повеќе нема да постои на досегашните принципи.
Големи забелешки се упатуваат и кон користењето на специјалните истражни мерки, кои се употребуваат и таму каде што не е потребно?
Примената на посебните истражни мерки е нужна заради ефикасна борба против потешките облици на криминал, а особено во случаите кога се работи за организиран криминал. Меѓутоа, со оглед дека со нивната примена длабоко се навлегува во приватноста на лицето, исто така, постои нужност од висок степен на заштита на човековите права и слободи. Морам да нагласам дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција максимално рестриктивно се впушта во употребата на посебните истражни мерки единствено во случаите кога ќе се исцрпат сите други можности за собирање на доказите, односно кога доказите не можат да се прибават на друг начин. Обвинителството од органот што ги применува мерките бара строго придржување кон законската форма, а редовно врши надзор над нивната примена. Нема преседан во мојот избор
Дали тоа што се гледате себе си како иден прв човек на Обвинителството беше причина да се направи преседан, да бидете избран за заменик во Републичкото обвинителство, а веднаш потоа да бидете именуван за прв човек на посебното обвинителство?
Апсолутно не. Пред се', сметам дека не е направен ама баш никаков преседан со мојот избор за заменик во Јавното обвинителство на Република Македонија. На тоа место дојдов од местото на прв човек во Одделението за организиран криминал кое формациски беше во Јавното обвинителство на Република Македонија. Во Јавното обвинителство на Република Македонија имало случаи директно да се избираат обвинители што доаѓале надвор од обвинителската институција, но не сметам дека и тоа е преседан, бидејќи се работи за квалитетни правници, кои коректно си ја вршат својата работа. |