Без утврдување на фактите, нема помирување
Без утврдување на фактите и нивно прифаќање од страна на сите народи во поранешна Југославија нема да има вистинско помирување, порачаа завчера претставниците на верските заедници и црквите на регионалните консултации за иницијативата за РЕКОМ, што се одржаа во Сараево.
Претставниците на неколку верски заедници и цркви, од протоколарни причини, не можеа да прифатат на консултациите да учествува и Црногорската православна црква (ЦПС), поради што владиката Михајло, митрополит на ЦПЦ, беше замолен да се откаже од учеството, по што тој и го стори тоа, изјавувајќи дека митрополијата има желба да биде вклучена во процесот за основање на РЕКОМ за да се придонесе на жртвите да им се врати достоинството.
Повеќе од 60 претставници на верските заедници и цркви од БиХ и од регионот се согласија дека секој народ треба да ги прифати злосторствата што што се извршени во нивно име за да се развие сочувството кон жртвите од овие простори. Монсињор Мато Зовкиќ истакна дека сите треба да се солидарни кон жртвите, без разлика на кој народ им припаѓаат.
„За некои овде имаше војна, а за други агресија. Прашањето е дали сакаме тука секогаш да имаме три вистини или една. Прашањето е дали постои добра волја обичните луѓе да ја вратат и да постигнат доверба меѓу себе. На жртвите треба да им се врати достоинството, а фактите за воените злосторства мора да се утврдат“, изјави Зовкиќ.
Свештеникот од Дабробосанската митрополија, Бошко Тошовиќ, истакна дека соочувањето со минатото е повеќе од потребно и оти не може еден цел народ да се нарекува злосторнички.
Архијерејскиот заменик на архиепископот на Македонската православна црква, протојереј ставродор Драги Костадиновски, изјави дека злосторствата не смеат да се прикриваат без оглед на тоа во која куќа се случиле. (П.Р.)
|