Бошкоски: Мијалков крие дека заработил половина милион евра
Трошната куќа на Љубе во Пула прерасна во вила со базени, враќа директорот на УБК
„Директорот на УБК, Сашо Мијалков, во анкетниот лист за имотната состојба на функционерите не пријавил дека има половина милион евра, кои ги заработил откако на крајот на минатата година продал акции од чешка фирма“, обвини вчера лидерот на ОМ, Љубе Бошкоски. Тој го праша Мијалков дали во анкетниот лист за имотната состојба го има пријавено целокупниот имот што го поседува - во Македонија и надвор од неа.
„Според информациите со кои располагаат ОМ, Мијалков бил сопственик на фирмата ’Сервис поинт’ со седиште во Прага до декември 2009 година кога ја продал за половина милион евра на босански државјанин. На официјалната веб-страница на Државната комисија за спречување корупција до денес не е евидентиран приходот од 500 илјади евра“, обвини Бошковски. Според него, борецот против организираниот криминал, како што го нарече првиот човек на УБК, имал можност со својот чешки пасош да купува имот во сите земји-членки на Европската унија. Затоа Бошкоски очекува од Мијалков да му одговори на прашањето дали и уште колку имоти, приходи, акции и фирми нема пријавено.
Од партијата на Бошковски како доказ на новинарите им приложија и копии од документите за, ��аводно, извршена купопродажбата на акциите на чешката фирма и најавија дека наскоро ќе обелоденат и други вакви документи.
„Апсолутно е неточно дека поседувам чешки пасош и дека со него купувам имоти низ Европа. За мојот удел во фирмата, која датира многу години пред моето стапување на функција, точно е дека е склучен договор за купопродажба, но промената на имотната состојба ќе биде пријавена во моментот кога тој ќе се реализира“, реагира Мијалков. Тој тврди дека целиот имот со кој располагал пред стапувањето на функција е пријавен во анкетниот лист и јавноста може да изврши увид во него.
„Би сакал да верувам дека оваа несреќна епизода на Бошкоски е само последица на грижата на совест, поради фактот дека неговата трошна куќа во Пула, за време на неговото министерување, прерасна ��о вила со базени, вредна милиони евра“, се наведува во реакцијата на директорот на УБК. (Св.У.) |