Наградата „Златна маска“ за филмот „Хамса“
Шарл Азнавур беше воодушевен од песната „Јовано, Јованке“ и од изведбата на Тања Царовска
Сунчица Уневска
ОХРИД - „Златна маска“ за најдобро остварување на Фестивалот на француски филм му припадна на филмот „Хамса“, еден исклучителен филм за децата Роми и Арапи од Марсеј, кои живеат на маргините, направен во режија и по сценарио на Карим Дриди. Жирито предводено од српскиот режисер Дарко Баиќ, во кое членови беа: Антонио Митриќески, Лабина Митевска и Сунчица Уневска, наградата за сценарио му ја додели на филмот кој се осврнува на темата на имигрантите „Добредојдовте“ на Филип Лиоре.
Овој филм им ја донесе и наградата на главните актери Венсан Линдон и Фират Ајверди како тандем, кој одлично го долови целиот апсурд на ситуацијата во која имигрантите го бараат својот излез во „тврдината Европа“. „Златна маска“ за најдобра улога доби Јоланда Моро, за една многу специфична и тешка улога на слугинка исклучително надарена за уметност, но која завршува трагично, во филмот „Серафина“ на Мартин Прово. Жирито додели и награда за дебитантско остварување на „Би те изела“ на Софи Лалоа, еден симпатичен филм за младешкото трагање по сопствениот идентитет, додека наградата на публиката ја доби детскиот филм „Децата од Тимпелбах“ на Никола Бари. Инаку, беше доделена и награда за краткометражен филм, која меѓу три француски и два македонски филма, му припадна на Ѓорче Ставрески за „На изгрејсонце“.
Покрај наградите, второто издание на Фестивалот на француски филм помина и во знакот на големата легенда Шарл Азнавур, кој дојде во Македонија на покана на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. На познатиот шансониер и актер му беше врачена „Златна маска“ за животно дело, но интересно е дека она што посебно го трогна гостинот беше изведбата на двете нумери на Тања Царовска во придружба на Зоран Џорлев. Тања Царовска изведе една од неговите незаборавни шансони, но посебен впечаток на гостинот, како што рече, остави нејзината изведба на македонската песна „Јовано, Јованке“. Азнавур ја повика Тања Царовска да се врати на сцената за да и' ја изрази својата благодарност и одушевување за оваа македонска песна. Тој рече дека во оваа песна наоѓа многу сличности со својата музика и со мелосот кој и припаѓа на Ерменија, земјата од која тој ги влече своите корени.
За жал, кога станува збор за доаѓањето на Азнавур фестивалот направи навистина многу пропусти. Шарл Азнавур годинава беше гостин на 2. Фестивал на француски филм, кој се одржува во Охрид и тој секако требаше да биде дел од овој фестивал, што всушност најмалку беше. Азнавур беше одведен кај премиерот, кај претседателот, но во Охрид не му беше направена ниту прес-конференција и не му беше овозможена средба со новинарите, што е основно правило за кој било гостин на фестивал. Покрај тоа, на единственото претставување на Азнавур пред публиката, значи на затворањето на фестивалот, немавме можност да видиме ниту еден мал колаж од неговите седумдесетина филма, поводот поради кој беше на овој фестивал. Цело време се нагласуваат некакви политички придобивки поради неговото доаѓање, во смисла за лобирање на името, а ништо поврзано со уметноста на која тој и' го посветил својот живот, што беше апсолутно погрешно.
Фестивалот годинава траеше седум дена што, пак, немаше никакво оправдание во поглед на програмата и содржините. Всушност, содржини баш и немаше. Предвидено беше да се одржи концерт на француската пијанистка Кристи Жилиен во дворот на црквата „Св. Софија“, но во последен момент излезе дека за тоа нема одобрение, па концертот мораше да се одржи во импровизирани услови во Центарот за култура во Охрид. Истата импровизација се однесува и на средбата на продуцентите, која за разлика од лани, беше со многу помалку учесници и не беше воопшто организирана според предвиденото. Имено, овие т.н. „Езерски средби“ требаше да траат два дена и да има претставување на проекти, што не се случи.
Што се однесува до самата програма, оваа година имаше десет филма во главна програма и уште пет краткометражни, како и филмот за затворањето „Такси за Тобрук“, од 1960 година, кој беше прикажан во чест на Шарл Азнавур. Факт е дека една ваква програма не може во никој случај да се смета фестивалска. Но, интересно е дека охридската публика одговори на сето тоа и проекциите имаа сосем добра посетеност. Дури по проекциите секогаш се остануваше и се разговараше со гостите дојдени за да ги претстават своите филмови. Добро е што барем овие дебати успеаја, затоа што оваа година не се одржаа предвидените прес-конференции, кои лани беа исто така добро посетувани. Организаторите рекоа дека немало интерес, додека новинарите ни рекоа дека не биле известени дека има прес-конференции. Како и да е, беше многу непријатно што неколку пресови, и покрај дојдените гости, мораа да се откажат.
Мора да кажеме дека годинава во поглед на квалитетот на филмовите, беше направен подобар избор од лани. Селекторот и уметнички директор на фестивалот Ив Алион се потрудил навистина да го донесе она што било подобро од продукцијата од изминатата година и публиката навистина на голем број филмови реагираше одлично. Но, за жал имаше проблем со проекциите. За филмот „Добредојдовте“, кој беше прикажан на отворањето, режисерот Филип Лиоре се извинуваше заради проекцијата која, како што рече, била во друг формат и воопшто не одела целата слика на екранот. Преводите беа ужасно лоши односно не беа воопшто синхронизирани со филмовите, туку неконтролирано си одеше преводот или однапред или со огромно задоцнување, така што воопшто не можевте вистински да го доживеат и да влезете во филмот. Но, на крајот техничката екипа дури доби и шишиња вино како подарок.
Се' на се', фестивалот годинава беше многу лошо организиран и многу помалку се трудеше да ги потенцира фестивалските содржини. Напротив. Би рекле дека е многу важно овој фестивал првенствено да го развие вистинскиот однос со градот, публиката и новинарите за да профункционира како фестивал, за што според интересот на публиката има услови. Освен тоа, еден седумдневен фестивал треба да има многу повеќе содржини и максимално да го искористи времето за гостите од филмот, кои треба да се побројни од другите придружни гости, и да овозможи комуникација, запозн��вање и спојување меѓу филмаџиите од двете земји и од регионот. Гостите кои дошле со свои филмови треба секако да се испочитуваат до крајот и ако не им се направи прес-конференција или средба со новинарите и публиката, која е смислата да дојдат со својот филм на фестивалот. Филмските фестивали секаде во светот ги прават содржините и гостите и никако не смее доаѓањето на една голема ѕвезда да се сведе на политичко.
Освен тоа, се чини дека само кај нас може да се случи, додека жирито стои на сцената, почесниот претседател на фестивалот Ив Боасе да доделува специјална награда на еден од кратките француски филмови, затоа што веројатно не беше задоволен дека оваа награда ја доби македонски филм. Тоа на секој сериозен фестивал е апсолутно недозволиво. Ако фестивалот не ги почитува одлуките на жирито кое, за разлика од останатите, работеше сериозно сите седум дена, и ако не го слави филмот, каков што беше впечатокот оваа година, тогаш нешто дефинитивно треба да се менува. Бидејќи, сите други содржини и гости се споредни и придружни, и навистина можат, а и треба да донесат и други ефекти, кои се потребни но секако се во втор план, а не во прв. Онака како што впрочем и треба да биде.
|