„Едип“ во потрага по вистината
Актерот Ѓорѓи Јолевски извонредно ја донесе улогата на Едип, во претставата на Златко Славенски
На Малата сцена на Македонската опера и балет во петокот вечерта, во рамките на манифестацијата „Скопско лето“, се случи премиерата на „Едип“ - музичко-сценски театарски проект во режија на Златко Славенски, кој е автор и на текстуалната предлошка и на драматуршката обработка на текстот „Цар Едип“ од Софокле.
Ова е уште еден мултимедијален перформанс на Славенски, кој го паметиме по неговиот последен „Соларис“, каде што авторот подеднакво значење, како на театарската форма, им придава и на другите уметнички сфери. Односно, ова е проект кој во себе ги соединува видеото, звукот во драматуршка смисла, музиката и нејзината ритмика, како и живата актерска реч.
„Едип“ е мошне интересна претстава, препорачлива за гледање, која се занимава со потрагата по вистината. Во центарот на збиднувањата е човекот кој не сакајќи греши и со тоа е многу поблизок до обичниот човек, но во исто време и трагичен јунак од посебен формат. Главната и, всушност, единствена улога ја игра Ѓорѓи Јолевски, кој е мошне експресивен и извонреден во трансформациите на ликот на Едип.
Посебен впечаток во претставата остава видеодизајнот, неговите 3Д-ефекти, но и аудиообработката, кои се дело на Милчо Узунов.
Претставата „Едип“ е во продукција на „Планет-Прес“, а во копродукција со театарот „Квартет“ и со Македонската опера и балет. (К.Р.) |