Светиниколци создаваат убави уметности
Домот на културата „Крсте Мисирков“ во Свети Николе функционира 40 години
Иван Бојаџиски
Штип - Каков културен живот се живее во малите македонски градови? Во потрага по одговорот на ова прашање го посетивме Свети Николе, тамошниот Дом на културата „Крсте Мисирков“, единствена институција во срцето на Овче Поле, која се грижи за културниот живот на околу 20.000 жители во Општината, која годинава го одбележува јубилејот - 40 години постоење.
Домот на културата е една импозантна зграда на четири ката во центарот на градот. И однадвор и одвнатре се гледа неговата руинираност, која е резултат на речиси дведецениското неинвестирање во зградата. Само еден кат е во солидна состојба и тоа оној кој високошколската образовна институција Меѓународен славјански институт го реновираше пред пет години и по преселбата во нови простории го остави целосно обновен. Зачуван е и просторот во приземјето каде што е сместена Градската библиотека со 54.000 книги и повеќе од 1.000 регистрирани читатели.
Сепак, и во вакви услови, овој културен храм ја извршува својата благородна мисија, благодарение на љубовта и посветеноста на деветтемина редовно вработени и на волонтерите-вљубеници во фолклорот, литературата, драмата кои секојдневно создаваат нови културни вредности.
„Свети Николе е мирен град, чии жители имаат потреба од културни содржини кои ние, во рамките на нашите финансиски можности, се обидуваме да им ги овозможиме. Покрај библиотеката, во рамките на нашата институција работат и литературен клуб, драмското студио ’Глорија‘, аматерскиот театар ’Сцена 71‘, ликовното студио и КУД ’Јанко Глигоров‘, и за разлика од многу други градови ние ја негуваме филмската уметност донесувајќи ги најзначајните филмски остварув��ња. Во сите секции и друштва имаме повеќе од 200 активни членови, што за град од големината на Свети Николе не е мала бројка“, вели Валентина Алексова, в.д. директор на Домот на културата „Крсте Мисирков“.
Библиотеката во овој град се етаблира како место во кое се промовираат речиси сите нови книги создадени од македонски автори. Во текот на Месецот на книгата се објавуваат конкурси, со што се интригира младата генерација да создава и да твори на свој, посебен начин. Најголем дел од нив се во литературниот клуб, кој годишно издава алманах на дела од своите најдобри творци. Аматерскиот театар годишно има по две премиери, последната беше „Мртовци на викенд“, во режија на Слободан Елисеев, а младинското драмско студио пред дваесетина дена премиерно ја изведе „Еден бакнеж“ од поетот Благој Самоников, во режија на Валентина Алексова.
„Многу градови го ’укинаа‘ филмот како уметност, во нив не се прикажуваат филмови, што не е случај и со Свети Николе. Секако, и во нашиот град интересот е намален, но ние се трудиме и успеваме да ги донесеме сите релевантни филмски остварувања, кои доаѓаат во Македонија. Имавме вечери на филмовите на Фасбиндер, го прикажавме филмот за Тоше Проески, а сега на ред е циклусот на вестерн-филмови. Имаме голема сала за 700 гледачи, но филмовите ги прикажуваме во малата сала со 100 седишта, бидејки таков е интересот“, вели Алексова. Ликовното студио секој месец прави по една изложба, главно, во соработка со ликовни студија од други градови и ја организира ликовната колонија „Ѓуриште“, која се одржува во август и на која учествуваат и уметници од странство. Во рамките на КУД „Јанко Глигоров“ се три постави - женската пејачка група „Камелија“, вокалното трио „Ѕуница“ и народниот оркестар. |