Џулијан Асанж ќе ги објави сите американски телеграми
Судот на Вестминстер, вчера го пушти со кауција на слобода основачот на Викиликс
СИДНЕЈ - Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, и' кажа на мајка си од затворската ќелија во Лондон дека останува посветен на намерата да ги објави тајните американски телеграми, и покрај осудите од Вашингтон и од други места, објави вчера Австралиската телевизија. Австралиската Мрежа 7 побара од Кристин Асанж да му постави на својот 39-годишен син едно прашање за време на посетата во лондонскиот затвор: „Дали вредеше ова?“
„Моите уверувања се непоколебливи. Останувам верен на идеалите што ги изразив. Овие околности нема да ги разнишаат“, рекол Асанж, според мајка му, која и' донесе на телевизијата пишан одговор од синот. „Ако не повеќе, овој процес ја зголеми мојата одлучност дека тие се вистински и точни“.
„Викиликс“ предизвика гнев во Вашингтон со објавувањето тајни американски телеграми и вети дека ќе ги објави 250.000 дипломатски документи што ги има обезбедено.
Асанж е уапсен во Британија по обвиненија за сексуален напад во Шведска. Асанж, исто така, беше и критичен кон големите финансиски компании што ги суспендираа исплатите до неговиот сајт „Викиликс“. „Ние сега знаеме дека ’Виза‘, ’Мастеркард‘, ’Пејпал‘ и други се инструменти на американската надворешна политика. Тоа е нешто што не го знаевме претходно“, рече тој. „Го повикувам светот да ја заштити мојата работа и моите луѓе од овие незаконски и неморални напади“.
Активисти на Интернет ја почнаа „Операција одмазда“ за да го одмаздат „Викиликс“ против оние за кои се смета дека ги опструираат неговите работи. Тие привремено ги блокираа веб-сајтите на компаниите за кредитни картички „Виза“ и „Мастеркард“, како и оној на шведската влада минатата недела.
Кристин Асанж му кажа на својот син дека има широка поддршка за него. „Му кажав како луѓе од целиот свет, од сите земји, излегуваат со транспаренти и бараат ослободување и правда за него, и тој беше многу погоден од тоа“, рече таа. „Како мајка барам од светот да застане зад мојот храбар син“.
Адвокатите на Асанж вчера уште еднаш требаше да се обидат да обезбедат ослободување со кауција на основачот на „Викиликс“. Асанж годинава беше обвинет за сексуална злоупотреба на две Швеѓанки волонтерки во „Викиликс“ за време на престојот во Шведска. Тој ги негира обвиненијата.
Асанж и неговите адвокати изразија стравување дека американските обвинители најверојатно се подготвуваат да го обвинат за шпионажа откако веб-сајтот „Викиликс“ објави тајни американски документи. (Ројтерс) |