Медведев против хаосот на руските улици
Полицијата доби упатства од претседателот да ги спречи случаите на тепање, прободување со нож и пукање во луѓе што не се етнички Руси
МОСКВА - По изливот на етничко насилство на улиците во главниот град, рускиот претседател Дмитриј Медведев предупреди дека националистичките напади ја загрозуваат стабилноста на Русија и нареди службите за спроведување на законот да преземат построги мерки за расните судири, во време кога пристигнуваат информации за нови напади врз етничките малцинства во Русија. Изјавата на Медведев, пренесена на националната телевизија, е обид да се зауздаат безредијата што избувнаа во текот на викендот. Илјадници млади луѓе се собраа на Црвениот плоштад во саботата, и напаѓаа полицајци и случајни минувачи кои имаа изглед на мигранти од централна Азија и Кавказот. Оттогаш, полицијата пријави случаи на тепање, прободување со нож и пукање во луѓе кои не се етнички Руси, често пати од групи млади луѓе.
Медведев и' нареди полицијата да го спречи хаосот на улиците, поттикнат, како што се опишуваат, од фудбалски навивачи, две недели откако Русија беше избрана да биде домаќин на Светското првенство во 2018 година. Тој, исто така, побара да запрат сите несанкционирани протестни дејства. „Неодамнешните настани во Москва, погромите, нападите врз луѓе, мора да се квалификуваат како злосторства, а луѓето кои ги извршуваат мора да се сметаат целосно одговорни и да бидат казнети. Злосторствата, чија цел е ширење омраза и непријателство, врз основа на расно, етничко потекло или вера се особено опасни. Таквите акции ја загрозуваат стабилноста на државата“.
Дури кога и полицијата е во зголемена готовност, пристигнуваат информации за нови напади. Поголем дел од насилството е случајно, извршено од групи млади мажи, понекогаш и жени, кои ги издвојуваат жртвите поради нивниот несловенски изглед, јавуваат очевидци и руските новински агенции.
Во неделата млади луѓе го нападнаа мигрантот од Киргистан, Алишер Шамшиев (37), на автобуска постојка. Тој беше прободен во градите и почина за десет минути, јавува Темирбек Асамбеков, лидер на групата за поддршка на мигрантите од Киргистан во Москва. „Најзаплашувачки е тоа што нашиот сонародник беше убиен во осум часот навечер пред киоск. Јас сум шокиран како ладнокрвни луѓе стоеле во близина и гледале“, вели тој. Полицијата покрена кривична истрага, но не се наведени осомничени.
Во Москва се пријавени повеќе од 40 напади врз припадници на малцинствата и најмалку еден смртен случај, вели Галина В. Кожевникова, која работи за Центарот „Сова“ што го следи расистичкото насилство. (Њујорк тајмс) |