Наместо божикен шопинг, нонстоп штрајкови во Атина
Поради огромниот број најавени штрајкови оваа недела се смета за една од најхаотичните во 2010 за жителите на Атина
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Две недели пред Божик, Грците наместо во продавници за подароци, продолжуваат со жестоки штрајкови. Денес и, генерално, оваа недела, поради огромниот број најавени штрајкови се смета за една од најхаотичните во 2010 година за жителите на Атина. Најголеми проблеми предизвикува штрајкот на вработените во компаниите за јавен транспорт - автобусите, трамвајот, тролејбусите и метрото.
Почнувајќи од недела па до петок постојан престан на работа имаат вработените во јавниот превоз, со тоа што вчера и в четврток има 24-часовен штрајк на сите превозници. Работите беа отежнати во неделата и во понеделникот поради шестчасовниот прекин на работата, а ќе бидат дополнително комплицирани и денес, бидејќи јавен превоз ќе има само од 10 до 18 часот, со цел да се обезбеди превоз за граѓаните што ќе учествуваат во генералниот штрајк на сите грчки синдикати. Покрај вработените во атинското метро, автобусите, тролејбусите и трамвајот, кон штрајкот се приклучија и вработените во „Грчките железници“, кои денес и утре имаат целодневен штрајк, оневозможено е и движењето со метро до аеродромот во Атина. Буквално целосно сообраќајно парализирање ќе има во Грција, бидејќи штрајкуваат и пилотите и контролорите на летови, но и атинските таксисти. Граѓаните се принудени да се движат низ градот или со нивните автомобили или, пак, со такси, но само до 10 часот или по 15 часот, бидејќи во тој временски интервал таксистите ќе бидат со крената рачна. Сепак, ни движењето со такси ни со сопствен автомобил не е олеснителна околност поради густиот сообраќајниот метеж, за што патниците во такси ќе треба да остават мало богатство, а и оние со автомобилите ако се земе предвид високата цена на горивата.
Работничките синдикати одржуваат генерален штрајк во Грција во револт поради законот за кратење на платите за 25 отсто во државните компании, кратењето на дел од социјалните придонеси, кратење на пензиите и големи измени во законот за работни односи. Во овој штрајк, кој се очекува да биде последниот голем штрајк годинава што ќе ја парализира државата, учествуваат буквално сите вработени во државните компании, но и дел од приватниот сектор, новинарите, адвокатите и судиите, наставниците и професорите, цариници, докторите и медицинскиот персонал од државните болници, како и дел од вработените во неколку банки во државата. Новинарите од националната телевизија во текот на целата недела штрајкуваа по неколку часа со прекин на програмата, а за денес е планиран 24-часовен штрајк. Новинарите повторно се обединуваат во масовен заеднички штрајк што ќе трае од 17 до 19 декември со целосен прекин на работата, со цел да се бојкотира идејата за укинување на колективните договори, намалување на платите и масовните отпуштања.
„Ќе се бориме колку што можеме посилно и ќе излегуваме на улици, бидејќи само со протести очигледно може да го завртиме вниманието на владата и да се обидеме да направиме нешто за нашата иднина и да го запреме обидот за кратење на и онака ниските плати“, коментираа многумина од граѓаните излезени на вчерашниот штрајк.
Покрај хаосот од граѓани на улиците поради протестите, Атина е речиси еден месец е затрупана во насобраните ќеси ѓубре поради штрајкот на вработените во комуналии поради неисплатени плати. Граѓаните и покрај отежнатите услови за функционирање, грдите глетки на растурено ѓубре на секој агол сепак во голем дел ги поддржуваат синдикалците кои штрајкуваат, особено оние од комуналиите поради некоректниот однос од општината кон нивните плати, но и поради обидот да го прогласат штрајкот за нелегален.
Поради штрајковите во Атина се' уште изостануваат големите подготовки и украсување на елката на централниот плоштад „Синтагма“. Во 2008 година за време на големите протестите поради убиството на Александрос Григоропулос граѓаните ја запалија елката во Атина, а во Солун ја изместија сценографијата на раѓањето на Исус, ��то стои покрај новогодишната елка на плоштадот „Аристотел“, заменувајќи ја во колевката куклата што го претставува бебето Исус со телевизор. Веројатно, покрај штедењето на струја и украси за Божик и Нова година, и овие инциденти од претходните години ги поучија атинските и солунските власти да почекаат додека целосно се смират духовите за да почнат со украсување на плоштадите.
Оли Рен прозборе грчки
Еврокомесарот Оли Рен на крајот од својата минатонеделната посета на Грција на грчки упати поздрав до граѓаните велејќи „кало курагио“ што во превод значи „бидете силни, издржете“. Рен имаше шанса лично да го искуси грчкиот протестирачки дух, бидејќи за време на неговата посета граѓаните постојано беа на улиците. „Ниту една држава не може да живее засекогаш без пари што ги нема“, истакна Рен минатата недела, додавајќи дека новите економски мерки во Грција ќе помогнат да се оствари целта за намалување на долгот.
Рен замина, а неговата изјава граѓаните ја прочитаа како подбивање. Ако се индикатор овонеделните протести, тешко може да се очекува да има смирување на страстите на граѓаните и прифаќање на економските мерки за спас од грчката криза. |