Рекетари му изнудиле 380.000 евра на бизнисмен од Прилепско
На изнудувачите на сопственикот на бензинска пумпа им е одреден притвор
ПРИЛЕП - Стојан Спасеноски (45) од Кичево и Беким Мамути (25) од Крушопек, Скопско, се притворени поради сомнение дека сториле кривично дело изнуда на приближно 380.000 евра од сопственик на бензинска пумпа во прилепско Кривогаштани.
Според МВР, осомничените подолг период со закани за животот на бизнисменот и на неговите најблиски во неколку наврати ги изнудувале парите. Во четвртокот телефонски му побарале 25.000 евра. Тој не можел веќе да ја издржи тензијата и го пријавил случајот во полицијата.
Инспекторите му дале обележани банкноти, а рекетарите во петокот вечерта со автомобил „голф“ дошле да го земат рекетот.
„Тој им предал 5.000 евра ставени во плик, кои Спасеноски без да ги преброи ги ставил в џеб. На излегување од канцеларијата, полицијата ги уапси изнудувачите“, велат од СВР - Битола.
По полициско-судскиот распит, на Спасеноски и Мамути им е одреден притвор од 30 дена. Но, истрагата продолжува, бидејќи, постојат сомневања дека во случајот се инволвирани најмалку уште две други лица од Крушопек. (Мн.Т.)
|