Ограбиле златарница, па од страв го вратиле златото
Еден разбојник е уапсен, а по неговиот партнер се трага откако во неделата попладне ограбиле златарница во Старата скопска чаршија. Грабежот се случил околу 13 часот кога М.З. (55) и М.К. (61) чекале сопственикот на златарницата „Голд стоун“ да го затвори локалот за да оди во џамија да се помоли, и потоа со калауз клуч, чија изработка била специјалност на М.К., го обиле дуќанот и одзеле два килограма злато вредно 36.000 евра. Со помош на камерите во објектот, разбојниците биле препознаени, па откако М.З. дознал дека полицијата трага по него, преку посредник стапил во контакт со газдата на златарницата и му понудил да му го врати златото, а истрагата да заврши. Вечерта, разбојникот отишол кај посредникот дома и му го предал златото, кој, пак, му го вратил на сопственикот, а неколку часа подоцна, полицијата го уапсила крадецот. По неговиот партнер е распишана интерна потерница. (Г.А.) |