Две бензински пумпи, на „Макпетрол“ и на „Окта“, се ограбени во петокот вечерта во скопската населба Чаир. Полицијата трага по сторителите, а засега не се знае дали станува збор за истите разбојници.
Тројца маскирани и вооружени напаѓачи околу 19,20 часот влегле на пумпата на „Окта“ на булеварот „Македонско-косовска ударна бригада“ и од вработените одзеле 117.000 денари по што побегнале.
Еден час подоцна, двајца маскирани и вооружени напаѓачи влегле на пумпата на „Макпетрол“ што се наоѓа во близина на пумпата на „Окта“ и од вработениот одзеле темносина чанта во која имало 18.000 денари. (Г.А.)