Советот на обвинители ќе се учи на сопствените грешки

До крајот на неделава ќе биде разрешен кумановскиот обвинител, за кого се води истрага
Гордана Дувњак
Советот на јавни обвинители ќе се учи на сопствените грешки и во иднина планира да ги заостри критериумите при изборот за кандидати за да не му се повторат скандалите со именувањето обвинители со криминално досие. Тоа било договорено на вчерашната интерна средба во Советот, кога во присуство на актуелната претседателка Елена Гошева, која се врати од службен пат, едногласно било решено да ги засилат мерките на безбедност. Во иднина, не само што ќе се бара документ дали лицето е осудувано или против него се води истражна постапка туку ќе се бара и доказ за неговата деловна способност.
„Се учиме на грешките. Сепак, ние сме нова институција и затоа ќе гледаме да не ни се повтори вакво нешто, бидејќи не сакаме да го доведеме во прашање угледот на институцијата“, ни изјави вчера претседателката на Советот на јавни обвинители, Елена Гошева.
Таа најави дека до крајот на оваа недела Советот ќе одржи нова седница, на која ќе се разреши новоизбраниот кумановски обвинел, за кого се води истражна постапка за злоупотреба на службената должност во катастарот.
„Имам најава дека обвинителот сам ќе си поднесе оставка, но и доколку не го стори тоа, ќе го разрешиме. И официјално добивме допис од кумановското обвинителство, во кое не' известуваат дека се води истражна постапка за лицето Иса Сулејмани“, додава Гошева.
На прашањето како се случило Советот во два случаја да не знае за црните петна во биографиите на кандидатите, таа вели дека, според законот, немале обврска да бараат потврда дали лицето е осудувано или против него се води постапка. Едноставно, членовите мислеле дека никој од кандидатите нема да с�� дрзне да се пријави на конкурс со такво минато.
„Не само што кандидатите го премолчиле тој битен факт при интервјуирањето туку такви сознанија не се содржани ни во мислењата што ги бараме од институцијата во која тие работеле порано. Тоа е просто незамисливо, ама ете се случило!“, нагласува првиот човек на Советот на јавни обвинители.
Таа вели дека токму од тие причини ќе бидат многу повнимателни во иднина, за да не им се случуваат вакви непријатни ситуации.
„Ќе одиме дотаму што ќе бараме и доказ за деловна способност. Прашање е дали ќе треба да се бара одговорност и за институциите, кои намерно ќе премолчат дека некое лице има криминално досие или против него се води постапка“, додава Гошева.
Аферата со јавните обвинители се случи пред десетина дена, при изборот на 31 обвинител во државата. По објавувањето на листата со имиња на новоизбраните обвинители во „Утрински весник“, од Судскиот совет ги алармирале своите колеги дека еден од нив е судија кој пред три години го разрешиле поради нестручно и несовесно работење. По тој повод, Судскиот совет им доставил листа со сите разрешени судии од 1996 година, па наваму, кои се четиресетина на број. Вториот случај е откриен по анонимна пријава од еден наш читател, кога се дозна дека е избран обвинител во кумановското обвинителство, за кого се води истражна постапка за злоупотреба на службената должност и овластување. |