Внимателно со пренамената на касарните

Пренамената на касарните не треба да ја планираат политичарите, туку урбанистите
Билјана Ангеловска
Иницијативата за пренамена на дел од касарните кои веќе не ги користи Армијата на Македонија наиде на одобрување во јавноста. Пред се', зашто овие објекти со години наназад пропаѓаат поради нивната неискористеност, а со тоа и се' што е изградено со нив. Огромните простори на исклучително добри локации на кои се изградени касарните претставуваат одлична мамка за секој инвеститор.
Но, идејата, се чини различно ја сфаќаат предлагачите и општинарите. Додека ресорните министри за одбрана и за транспорт велат дека идејата за новата намена на касарните ќе произлезе од заинтересираните инвеститори, а таа потоа ќе се преточи во изменетите детални урбанистички планови, градоначалниците на општините на чии територии се наоѓаат касарните, веќе имаат конкретни решенија за содржината на просторот.
Така, градските власти на Битола имаат во план земјиштето од 240 хектари на кое се наоѓа касарната да го претворат во мал град, во кој ќе има станови, училиште, универзитет, полициска станица, противпожарна служба, трговски центри и една црква. Касарната „Генерал Михајло Апостолски" во Охрид, со 20-тина хектари и повеќе зачувани објекти ќе и' биде отстапена на стопанисување на локалната власт, која планира тука да го смести новиот информатички универзитет со модерен студентски кампус. Просторот од 38 хектари на кој се простира касарната во Струмица пак, ќе биде искористен за изградба на дом за стари лица, за јавното комунално претпријатие на Струмица и за невладиниот сектор. Дури 30 хектари од површината се слободни за изградба.
Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски вели дека урбанистите на Општината ќе го уреда�� просторот на касарната „Илинден„ со содржини од заеднички интерес со граѓаните. „Ние ќе ја почитуваме волјата и на државата што ни го дава просторот и на потенцијалниот инвеститор. Но, имаме на располагање 70 хектари, па внимателно ќе размислиме кој е најголемиот интерес на граѓаните, дали тоа да биде сервисна зона, да има деловни објекти, објекти за колективно домување, или нешто друго. Се работи за општо добро, затоа многу детално ќе анализираме“, вели Јакимовски.
И за професорката на Архитектонскиот факултет, Јасмина Силјановска иницијативата за пренамена на касарните, сама по себе, би можела да биде добра, особено ако се земе предвид дека хоризонталното преструктуирање на локалното самоуправување не е воопшто завршено, во кое таканареченото јавно-приватно партнерство е многу важно. Ова особено се однесува на општините кои немаат доволно средства сами да го уредат атрактивниот простор, како и воопшто просторите од јавен интерес, па тоа би можело да се направи со помош на заинтересирани инвеститори.
Меѓутоа, за Силјановска е клучно како тоа ќе се усогласи со постојните планови за поширокиот простор, како ќе се проценуваат „добрите иницијативи“ и како тоа да биде усогласено со регулаторниот систем на планирање, за да не се случи, повторно, негово дезавуирање. Дотолку повеќе што нејзините истражувањата покажуваат дека дури 66 проценти од иницијативите за измена и дополна на деталните планови се иницирани од приватниот сектор и тие се однесуваат на мал дел од просторот.
Таа смета дека на ваков начин веќе се партикуларизира планирањето, бидејќи се планира само мал дел од еден план, со што се губи од вид целината на просторот. На запад приватната иницијатива е главниот мотор, бидејќи промените одат брзо, меѓутоа тоа се прави транспарентно и со ефикасни системски мерки и процедури.
„Не сум сигурна дека добрата можност ќе се искористи најсоодветно, со оглед на начинот на кој започна постапката, како што е понудениот бланко лист за иницијативи или очекуваните тендерски документации. Се плашам поради тие иницијативи и сугестии да не се случи да планираат политичарите, а струката само да извршува. Бидејќи, ако не се знае на локално ниво кои се потребите, кои се преференциите, а за тоа мора да се спроведе широка дебата во која ќе биде вклучена професионалната јавност, граѓанскиот и невладиниот сектор, како и бизнис-заедницата, не знам врз основа на што ќе се оценуваат добрите иницијативи. Уште поважно е како ќе се одвива целата процедура во рамките на системот на планирање", вели Силјановска.
Урбанистите во државава се едногласни дека при пренамената на касарните мора да се знаат кои се потребите на граѓаните. Сметаат дека министерството и општините мора заедно да работат за да се согледаат потребите и заедничкиот интерес, па потоа да се распише тендер. Значи, прво мора да се направи урбанистичкиот план кој ќе ги зацрта приоритетите. Битно е да се искористи поволно земјиштето и тоа да биде во интерес на градот во кој се наоѓа и на неговите граѓани. |