Правната несигурност не ја подобрува ни скапа реклама
Миркица Поповиќ
Правна рамка за создавање поволна бизнис и инвестициска клима постои, само уште да започнат да се имплементираат законите. За важноста на стабилен правен систем за функционална пазарна економија и елиминирање на бирократските пречки за обезбедување подобра бизнис-клима, вчера се дебатираше на конференцијата „Македонската економија - надминување на пречките преку користење на сопствените потенцијали“, во организација на Европската бизнис-асоцијација и фондацијата „Конрад Аденауер“.
Иако во своето излагање министерот за правда, Михајло Маневски, истакна дека Владата има слух за бизнис-климата, сепак, искуствата на другите учесници на конференцијата говореа поинаку. Претставниците на граѓанскиот бизнис-секторот и правниците се согласија дека во државата се спроведуваат реформи за да се подобри бизнис-климата, но, во суштина, се' уште голем дел од тие реформи постојат само декларативно, без да се спроведат во реалност.
Лукас Мелка, претставник на делегацијата на ЕУ во Македонија, потсети дека поради актуелната финансиска криза и дискусиите што постојат во ЕУ за регулирање на финансискиот систем, новите држави што ќе и' се приклучат на Унијата, ќе имаат дополнителни критериуми што ќе мора да ги задоволат и уште повеќе работа од она што го имале државите, кои беа последни примени во ЕУ. Мелка ги поздрави реформите, но додаде дека поплаките што доаѓаат во делегацијата на ЕУ од бизнис-компании и индивидуалци за бавни правни процедури, проблеми со спроведување на договорите се доказ дека системот во државата за одржување функционална пазарна економија има недостатоци. „Историјата покажува дека и да ги имате најдобрите закони, доколку нивната примена е арбитрарна и неефикасна, системот нема да функционира“, посочи Мелка.
Слаѓана Тасева од „Транспарентност - нулта корупција“ посочи дека проблемот лежи во селективната примена на законите. „Не сме сигурни дека сите компании ќе имаат подеднаков третман од државните институции“, образложи Тасева. Според истражувањата на „Транспарентност - нулта корупција“ незаконските тендери за јавни набавки, Законот за стечај, сопственост на имот, несигурност на договорите и нивната судска заштита, како и честото менување на законите, честопати и по склучени договори со странски инвеститори, влијаат негативно врз интересот на странските инвеститори за Македонија. „И по 10 години, нема промена на оваа состојба. Се' уште констатираме дека корупцијата и проблемите со судството се главните пречки за странски вложувања. Власта мора да се тргне од бизнисот“, посочи Тасева.
„Речиси половина од тендерите за јавни набавки ги кршат законите“, истакна Сашо Ордановски од „Транспарентност-Македонија“. Како што објасни Ордановски, јавните обвинители и судиите не се во можност да ја извршуваат својата работа, бидејќи се под директен притисок на Владата, Министерството за правда, политичките партии, но и на Министерството за внатрешни работи и поради ова не се во можност да ја санкционираат корупцијата.
За проблемите во судството се произнесе и Билјана Чакмакова од адвокатската канцеларија „Чакмакови“, нагласувајќи дека правната несигурност е реален проблем. „Правната несигурност не ја подобрува ни најскапиот рекламен спот и задоцнетата правда не е правда“, истакна Чакмакова.
Претставниците на бизнис-секторот констатираа дека сегашната комуникација на бизнис-секторот и Владата е значително подобрена од порано, но се' уште има простор за работа. Јадранка Аризанковска, претседател на Стопанската комора истакна дека Владата треба да го користи знаењето на бизнис-претставниците за превентивно да се дејствува, а не само да се лечат последиците. Како проблеми ги истакна неликвидноста на стопанството и проблемите со повраток на ДДВ, кое е особено важно за извозно-ориентираните компании.
|