„Арт-визион“ не е задоволно од доделеното ателје
Здружението смета дека просторoт од 21 м2 во Безистен во Старата скопска чаршија е многу мал
Катерина Богоева
Членовите на здружението на ликовни уметници „Арт-визион“ од Скопје не се задоволни од доделниот простор за ателјеа во Безистенот во Старата скопска чаршија, чија површина изнесува 21 квадрат и е поделена на два ката. Претседателот на здружението, Имер Бајрами, кој завчера ги прими клучевите од премиерот Никола Груевски на свеченоста кога клучеви и за три ателјеа му беа доделени и на Друштвото на ликовните уметници, пред две-три недели упатил барање до Министерството за култура за поголем и посоодветен простор. Простор, кој според Бајрами, би можел да се користи како изложбен салон, но и како ателје за членовите. „За свеченото доделување на клучевите дознавме еден ден претходно, но побаравме нов простор во Капан-ан или во некој друг дел од чаршијата, откако видовме како изгледа тој што ни го доделија. Сметаме дека е мал, поврзан е со скали и не нуди услови за нормална работа. Инаку, уште пред една година конкуриравме бидејќи навистина ни е потребен простор“, изјави вчера Вајрами. „Арт-визион“ во октомври ќе одбележи пет години постоење, има 30-ина члена, најмногу Албанци, но и неколкумина Македонци и Турци.
Просторот за ателјеа, како дел од актуелниот проект за ревитализација на Старата скопска чаршија, на „Арт-визион“ и на ДЛУМ, на користење од 10 години без надомест, им го додели Владата преку Министерството за култура заедно со Градот Скопје и Општина Чаир. ДЛУМ доби три простори со површина од 70, 22 и 14 квадратни метри, но за да бидат користени како ателјеа за работа на уметниците, поради неадекватната состојба во која се наоѓаат, треба да бидат реконструирани.
„Ни престои период на изработка на проекти за адаптација и реконструкција, за што треба да се обраќаме до одредени институции, а треба да обезбедиме и финансии за тој процес“- изјави вчера претседателката на ДЛУМ , Тања Балаќ, потенцирајќи дека е пресреќна што со овој чекор започнаа да се реализираат заложбите на Друштвото за обезбедување на ателјеа за своите членови. ДЛУМ начелно планира во просторот со површина од 70 квадрати да направи продажна кафе - галерија, а останатите два, најверојатно ќе им бидат доделувани на определено време на членовите за да ги користат како ателјеа, но до нив ќе доаѓаат преку предвидени конкурси. Тоа ќе биде разгледувано во четврток на закажаниот состанок на Управниот и Уметничкиот совет на Друштвото, а како што изјави секретарот, Бранислав Мирчевски, најважен критериум за доделување на ателјеата треба да биде покажаната активност на уметниците и атрактивноста на проектот со кој ќе конкурираат. „Освен реновирање, рече тој, на доделните ателјеа во Безистен ќе им биде потребно и соодветно обезбедување“. ДЛУМ се надева дека во обезбедување на потребните финансии, ќе му помогнат и одредени фирми- пријатели што би нашле свој интерес во ваквиот начин на помагање на уметничкото творештво.
Последен пат членовите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија од државата добило ателјеа во периодот меѓу 80 - 90 тите години на минатиот век. Тогаш, општината Карпош им додели плацеви во сегашната општина Сарај, уважувајќи ги според Мирчевски, препораките од ДЛУМ. „ Чаршијата е идеален простор за ателјеа, но се надевам дека нема да застанеме само на трите во Безистен. Ние би прифатиле и простори и во другите делови на градот и со симболична кирија, простори од кои државата може да се откаже. Околу осумдесет проценти од нашите членови немаат соодветни ателјеа за работа, работат во адаптирани услови, плаќаат високи кирии. А ателјеа не само кај нас, државите доделуваат и во регионот, на пример, Словенија и Бугарија“ - посочи Тања Балаќ. |