Број 3387  вторник, 21 септември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска








Site Meter
Култура

Враќање кон праизворите

Кон стихозбирката „Завештанија“ од Раде Силјан, „Матица македонска“, Скопје, 2010 година

Стефан Влахов Мицов

Поезијата на Раде Силјан е предизвик за литературната критика. Затоа што во секоја нова стихозбирка авторот е истовремено и ист и различен. Во еден момент помислуваш дека си ги разбрал неговите идеи и посланија, а во следниот момент сфаќаш дека многу нешта ти се измолкнале. Не, Силјан не си игра со критиката, не ја провоцира и не и' поставува стапици. Неговиот јазик, стил, неговите сфаќања се такви што бараат целосна мобилизација за да се разбере повеќе од неговото творештво. Во исто време поетот е многу толерантен и кон критиката и кон читателите. И бидејќи неговата поезија е многуслојна, секој може да и' се приближи и да ја сфати. Некој ќе се задоволи со првиот слој, друг ќе проникне подлабоко, трет ќе ја насети нејзината суштина итн. Сведоштво за ова што го кажувам е новата книга на Раде Силјан „Завештанија“. За кого се тие завештанија? Изгледа за самиот поет, ако судиме според првата песна „Биографија“. Како потврда за таквото гледиште се стиховите поврзани со детството, со чистотата на мечтите, на надежите, на разочарувањата. Поинаку кажано, поетот затвора еден житејски круг бележан со поетските циклуси „Сомнежи“, „Татковите совети“, „Сторенија“ итн. Меѓутоа, да не избрзуваме со оцената. Кај Силјан не цело стихотворение, не еден стих, не неколку зборови, туку само еден збор е доволен за да ја измени динамиката и атмосферата во неговите песни. Ако во физиката атомот е основна конструктивна честица, кај нашиот поет тоа е зборот. Еден точен негов збор има ефект на фрлен камен во езеро и провоцира различни поетски кругови и циклуси што се впишуваат едни во други. А преку еден цикличен круг творецот се враќа кон чистотата, непосредноста и свежината на детството, со посредство пак на друг циклус создава враќање кон исконската мудрост и чистотата на словото. Обрнете внимание на стилот во книгата „Завештанија“ - лаконски, силно метафоричен, параболичен. Некои стихови, според нивната згуснатост и симболика можеме да ги споредиме со текстовите од Библијата. Таквиот потход на авторот не е случаен. Ако еден дел од цитираните поетски циклуси изгледаат како фрагменти од житејска орбита, други, како „Рамновесие“, „Пророштво“, „Сновидение“ претставуваат биографија на времето и на самата цивилизација. Оттаму е и она преплетување меѓу индивидуалното и глобалното, меѓу личното и општественото. Така, редум со житејскиот и цивилизацискиот циклус, можеме да откриеме и календарски („доаѓа заблудата на ноќта“, „го чекаат изгревот на сонцето“, „утрото тајни крие“, „радоста на денот“), социјален, емоционален итн. Чувството за убавина, како и „радоста на живејачката“ се емоционални и субјективни восприемања. Но, какво е чувството, ќе „живееме во свет од легенди и митови / Во свет од сказни и лажни надежи“ - објективно или субјективно? И воопшто, каде е вистината за едното и другото, кога „Ангели и ѓаволи китно оро вијат“? Во прекрасната песна „Виножито од заблуди“ поетот изјавува: Животот е искривено огледало/Прва и последна станица/За безимените порти на рајот

Дилемата пред индивидуите, личностите, творците е да направат свој избор така што нивниот житејски циклус да не се преобрати во „ковчег од заблуди“, „Гледаш во ковчегот / Полн со лаги“. А тоа означува природен живот и природосообразен, живот со достоинство и срце полно со љубов и хуманост. Тоа е послание и завештание и кон индивидуите и кон општеството. Силјан успева да ја запише не само во одделни циклуси, туку и во одделни песни судбината на личноста и на општноста, како и заемната зависност меѓу нив. Еве еден пример од песната „Жарчето што тлее“: Си тече времето/И неусетно влече/Кон празното котле/Над жарчето што тлее

Можеме ова да го толкуваме и во индивидуално-житејски, и во општествен, и во глобализациско-цивилизациски аспект. Можеме да го сфатиме и носталгично, и песимистички, но истовремено и со надеж. Неколку, на прв поглед непретенциозни стихови, за кои ако започнеме да ги анализираме и да ги осмислуваме, ќе ни требаат цели страници. Ете, таква е силата на вистинската поезија, таква е силата на мудроста, која не е едноставна, која не предлага готови решенија и која го предизвикува читателот да мисли. Такви се песните на Раде Силјан во збирката „Завештанија“.


#
Статијата е прочитана 281 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
На МОТ „Сон на летната ноќ“ со Оскарас Коршуновас
Милчо Манчевски на „Браќа Манаки“ по 15 години
Избрани дела од Веле Смилевски за 40 години творештво
Договор за соработка меѓу националните библиотеки на Македонија и на Косово
„Арт-визион“ не е задоволно од доделеното ателје
Изложба во Велес



"""