Милчо Манчевски на „Браќа Манаки“ по 15 години
Филмот „Мајки“, по светската премиера во Торонто, ќе ја има својата домашна премиера на отворањето на 31. Фестивал на филмската камера во Битола
Сунчица Уневска
Фестивалот „Браќа Манаки“ (од 16 до 22 октомври) и „Мајки“ на Милчо Манчевски оваа година ќе стартуваат заедно. По подолга пауза централното место на овој најстар и најреномиран фестивал во нашата земја ќе го има македонски филм, и тоа новото четврто остварување на еден од нашите најзначајни и нанаградувани режисери. Конечно, како што рече директорката на „Браќа Манаки“, Лабина Митевска, и Македонија покажува дека има свој актуелен автор во земјава и во светот, со кој ќе стартува нашиот, исто така, препознатлив и брендиран фестивал во светот.
„Како што Берлин го има Том Тиквер, како што Сараево го отвора својот фестивал со новите дела на Јасмила Жбаниќ и оскаровецот Данис Тановиќ, така оваа година и македонскиот фестивал ’Браќа Манаки‘ ќе отвори со филмот ’Мајки‘, кој овој месец ја имаше светската премиера во Торонто“, рече Лабина Митевска, додавајќи дека за фестивалот е голема чест што веднаш по реномираниот северноамерикански фестивал, филмот на Манчевски ќе ја има домашната премиера и тоа, токму на фестивалот што ја воспева креацијата на уметниците-кинематографери.
Инаку, истиот ден на 16 октомври, филмот „Мајки“ ќе тргне и во редовна дистрибуција во киносалата „Милениум“ во Скопје, овозможувајќи и на неговата верна публика, која нема да може да присуствува во Битола, исто така, да го види филмот. Ова е, дефинитивно, најбрзо одржување на една премиера на македонски филм по неговото излегување и по неговото стартување на некој од светските фестивали. Можеби, ова ќе биде и добар пример за сите други, кои снимаат со македонски пари, дека филмот треба да го види македонската публика, која има право на тоа и чие прикажување во матичната земја воопшто не пречи на неговото одење на фестивали. Напротив, тоа може да биде само поттик и поддршка за неговиот понатамошен фестивалски пат. А што се однесува до Манчевски, тоа и не е првпат. И со неговиот прв, најуспешен македонски филм „Пред дождот“ тој дојде во Битола и ја направи македонската премиера веднаш по триумфот во Венеција.
„Многу ми е мило што ’Мајки‘ ќе го отвори фестивалот ’Браќа Манаки‘ и што во исто време ќе биде достапен во кино. Се надевам дека ќе го видат што повеќе луѓе и покрај состојбата со киномрежата во нашата земја, а посакувам и успешен фестивал. Особено се радувам што после толку години пак ќе соработувам со фестивалот, а особено со Лабина, која сега е веќе европски продуцент и веќе две години успешно го води меѓународниот фестивал ’Браќа Манаки‘ во Битола“, пишува во поздравот што Милчо Манчевски го испрати специјално за вчерашната прес-конференција.
Лабина Митевска рече дека целата екипа на „Браќа Манаки“ со нетрпение го очекува филмот на еден од нашите најголеми режисери. „Мислам, рече Митевска, дека тоа е природна соработка меѓу режисер од таков ранг со манифестација на такво ниво. Се' друго би било чудно и неприродно“. Таа додаде дека нејзината покана била испратена уште пред неколку месеци, но дека кога станува збор за пласманот на еден филм потребно е време за да се направи стратегија.
Тоа го потврди и македонскиот дистрибутер на филмот „Манаки филм“ односно Татјана Ќурчинска - Пепељугоска, која рече дека филмот, освен во Скопје, ќе се прикажува и низ цела Македонија, таму каде што има можности за тоа. Во киното „Милениум“ овој филм предвидено е да игра неколку месеци што, секако, зависи од интересот на гледачите. „Досегашното искуство, објасни дистрибутерот, зборува дека филмовите на Манчевски секогаш играле по 2-3 месеца и биле рекордери на бокс-офисот за таа година. Тие дури ги побиваат сите американски блокбастери“. Што се однесува до кината, Ќурчинска Пепељугоска рече дека живи кина во Македонија, покрај Скопје, има само во Битола, Охрид, Свети Николе и Штип. Но, дека како и за претходниот „Сенки“ тие ќе се обидат и „Мајки“ да го прикажат секаде каде што тоа ќе биде можно, создавајќи услови со носење опрема, уредување на простор и друго, бидејќи за жал тие сали воопшто немаат дистрибутерска програма.
На отворањето на фес��ивалот „Браќа Манаки“ се очекува доаѓањето на режисерот Манчевски и на голем дел од екипата, кои веднаш утредента ќе ја имаат својата прва средба во Македонија со медиумите. Филмот „Мајки“, како што потврди дистрибутерот, веќе е поканет и на други фестивали и во моментов се подготвува стратегија околу неговото понатамошно фестивалско претставување. А директорката на фестивалот „Браќа Манаки“ најави дека целосната програма ќе биде објавена на крајот на овој месец. Она што сега беше уште откриено за нашиот фестивал, беше и филмот со кој ќе се затвори фестивалот на 22 октомври. Станува збор за новото остварување на Вуди Ален „Ќе сретнеш висок црн странец“, кој ќе се прикаже во чест на годинешниот добитник на „Златна камера“ за животно дело, Вилмош Зигмонд. |