Избрани дела од Веле Смилевски за 40 години творештво
По повод јубилејот - 40 години од почетокот на творечката дејност на писателот, книжевен критичар и научник Веле Смилевски, издавачката куќа „Дијалог“ од Скопје ќе објави избрани дела од неговиот опус во седум книги.
Од областа на книжевната наука во првите три тома ќе бидат објавени книгите „Литературни студии – творештвото на Блаже Конески, Петре М. Андреевски и Горан Стефановски“, „Полемиките во македонската литература“ (докторска дисертација) и „Есеи“, сите првично објавени во едицијата на Институтот за македонска литература во Скопје.
Во три тома ќе бидат презентирани десетте поетски книги на Смилевски, вклучително и на поетската трилогија „Педесет песни“, „Педесет допевања“ и „Педесет поетски коментари“, објавена под заеднички наслов „Час по поезија“.
Седмиот том од избраните дела, со наслов „Толкувања и дијалози“, ќе донесе критичко-есеистички прилози за поетското и научно дело на Веле Смилевски, како и избор од интервјуата на авторот во кои предмет е творештвото и творечкиот чин. Првите томови од избраните дела ќе бидат промовирани на Саемот на книгата во Скопје. (Н.П.) |