Гадафи сакал да преговара за предавање на власта
Полковникот е се' уште во Либија, а за трасферот на власта би преговарал неговиот син Саади
ТРИПОЛИ - Либискиот лидер во бегство, полковник Моамер Гадафи, е подготвен да започне разговори за предавање на власта, јавуваат американските медиуми. Портпарол на Гадафи јави за новинската агенција Асошиетед прес дека преговорите би биле предводени од синот на Гадафи, Саади. Тој, исто така, рече дека полковникот Гадафи се' уште е во Либија.
Бунтовниците јавуваат дека очајно потребните снабдувања со гориво и вода треба да почнат да пристигнуваат во Триполи. Во меѓувреме, повеќе од 50 изгорени тела се пронајдени во запален склад јужно од Триполи. Жителите на квартот Салах ал-Дин јавуваат дека жртвите биле цивили, убиени во вторникот од припадниците на бригада под команда на синот на полковник Гадафи, Камис, пред да напуштат воена база во близина.
Групата „Хјуман рајтс воч“ соопшти дека има докази дека силите на Гадафи убиле најмалку 17 затвореници и извршиле „своеволни егзекуции на десетици цивили, меѓу кои и професионалци“ во периодот пред Триполи да падне под контрола на бунтовниците.
Во петокот, повеќе од 200 тела во распаѓање беа пронајдени во напуштена болница во квартот Абу Салим во главниот град. Лекарите и сестрите побегнале поради борбите, и многу повредени пациенти биле оставени да умрат.
Новинската агенција „Асошиетед прес“ од Њујорк јави дека добила повик од портпаролот на полковник Гадафи, Муса Ибрахим, кој изјавил дека поранешниот лидер се' уште е во Либија иако не навел каде. Ибрахим, за кого АП јави дека го идентификувала по гласот, соопшти дека полковник Гадафи понудил преговори за предавање на власта, предводени од неговиот син Саади.
На почетокот на неделата, Си-Ен-Ен јави дека остварила и-меил контакт со Саади Гадафи, кој ја потврдил неговата желба да преговара за примирје. „Ќе се обидам да го спасам мојот град Триполи и два милиона луѓе кои живеат таму. Во спротивно, Триполи ќе биде загубен засекогаш како Сомалија“, напишал тој. Без примирје, Гадафи додал дека „наскоро тоа ќе биде море од крв“.
Дописник на Би-Би-Си во Либија јави дека доколку полковник Гадафи не е подготвен да се предаде, понудата секако ќе се гледа како уште еден пример за илузивната состојба на поранешниот лидер и неговите преостанати приврзаници.
Бунтовниците, кои сега контролираат поголем дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Триполи, веруваат дека полковник Гадафи се' уште се крие во областа. Министерот за информации на бунтовниците, Махмуд Шамам, изјави дека тие продолжуваат со потрагата по полковник Гадафи, но тоа нема да ги спречи во напорите да ја вратат земјата на свои нозе. Сега фокусот е пренасочен на ургентната хуманитарна ситуација во Триполи, јавуваат дописникот.
Опозицијата соопшти дека ќе почне со дистрибуција на 30.000 тони гориво од недела, и ќе обезбеди гас за домаќинствата во наредните 48 часа. Брод со вода за пиење и дизел за електроцентралите би требало да пристигне во наредните неколку дена. Главниот извор на вода во Триполи - голема вештачка река - е затворен од опозициските сили кои стравуваат дека реката е затруена од силите на Гадафи. (Би-Би-Си) |