Што пишуваат весниците во светот
Компјутерите, мобилните телефони и другите електронски производи имаат кус рок на употреба
Компјутерите, мобилните телефони и другите електронски производи имаат кус рок на употреба и брзо се претвораат во огромно количество отпад, голем дел од тоа токсичен. И во нови главоболки како да се елиминира целиот тој опасен материјал?
Ла стампа
Битка за Либија
Борбите во Триполи едвај почнаа да стишуваат, но натпреварот меѓу Италија и Франција веќе започна. Од самиот почеток на воените операции, подготвени и водени од францускиот претседател Никола Саркози - со Силвио Бе��лускони, како шеф на италијанската влада, кој заостануваше против своја волја во име на пријателството со режимот на Гадафи - беше јасно дека војната против полковникот ќе се трансформира во конфликт од друг вид.
Економска војна со нов непријател: секако, Италија. Додека Рим одолжуваше да се приклучи кон операциите, Париз - Лондон беше последен - притискаше на педалот за гас, сонувајќи за претстојното распаѓање со кое Либија би била распарчена на автономни провинции, а „нафтениот колач“ поделен меѓу нивните национални шампиони, „Тотал“ и БП, што би се одразило на теренот.
Сега кога бунтот е - речиси - завршен, може да започне втората фаза од операциите: бизнис вреден милијарди евра, за обнова на патишта, пристаништа, индустриски фабрики, цели градови. Повторно Париз ја води играта, а Рим заостанува.
Елисејската палата организира конференција за да ги постави темелите на нова демократска Либија, а лидерот на новата влада на Либија, Махмуд Џибрил, го посети токму Париз, на 25 август, и запре да разговара со Италијанците на попатното запирање во Рим кога се враќаше назад.
„Нувел обсерватер“
Повеќе даноци, молам
ПАРИЗ - Во заедничко коминике, објавено неделава, 16 од најбогатите луѓе на Франција - меѓу кои наследничката на „Лореал“, Лилиен Бетенкурт, и шефот на групата за комуникации „Паблицис“, Морис Леви - се изјаснија дека се подготвени да плаќаат повеќе даноци за да и' помогнат на земјата во ова кризно време.
„Ние, претседатели или извршни директори на компаниите, бизнисмени, професионални финансиери или многу богати граѓани, го поздравуваме создавањето ’исклучителен финансиски придонес’ што ќе го плаќаат најбогатите француски даночни обврзници. Тој придонес би бил разумна сума пари за да се избегнат несакани економски ефекти како што се одлив на капитал или пораст на даночно затајување“, се вели во изјавата на веб-страницата на неделникот „Нувел обсерватер“.
„Свесни сме дека целосно извлековме полза од францускиот даночен систем и од европската средина кон која се чувствуваме приврзани, и онаа што сакаме да ја зачуваме“, продолжуваат потписниците. „Овој финансиски придонес не е решение само по себе: треба да биде дел од поопшти реформски напори фокусирани и на трошоци и на даночни приходи“.
Минатата недела, американскиот милијардер Ворен Бафет упати слична „понуда“ кога го повика Конгресот да побара повисоки даноци на приход за луѓето чиј годишен приход надминува еден милион долари. |