ЕДИТОРИЈАЛ
Избори натопени со крв
Гордана Дувњак
Преродбата продолжува. Со овие зборови лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар, Никола Груевски, ја прогласи големата изборна победа на владејачката коалиција „За Македонија заедно“. Водачот на „портокаловите“ може да биде и повеќе од задоволен од исходот на предвремените избори, бидејќи ја оствари својата основна цел - да добие повеќе од 61 пратенички мандат.
Но, и покрај огромната поддршка што ја доби од граѓаните, кои му дадоа мандат да ја води државата и во наредните четири години, сепак, нема место за голем триумфализам. Зашто допрва доаѓаат тешки премрежиња. За него лично како премиер, но и за Македонија. Клучни прашања, со кои набрзо ќе мора да се соочи и од кои нема бегање!
Она што во прв момент се чинеше недостижно, Груевски успеа да го направи реалност, па дури и да го надмине. Бараше и доби голема поддршка од електоратот која, како што тврди, треба да му обезбеди стабилно парламентарно мнозинство за поголема проточност на владините проекти. Успеа да стави на контото на својата владина коалиција 480.000 гласа, што е досега најдобар изборен скор за десничарската ВМРО-ДПМНЕ, а воедно и најлош изборен резултат на опозицискиот СДСМ.
Анализите допрва треба да покажат што беше пресудно за вака високо извојуваната победа на власта, како и за дебаклот на опозицијата. Дали главната причина е во тоа што граѓаните се' уште веруваат дека Груевски има шанса да ги поправи работите на планот на реформите и економскиот развој? Агресивната владина кампања за саморекламирање и промоција, големата медиумска поддршка што ја има Владата, играњето на картата на патриотизмот...? Или, пак, во прашање се замореноста на граѓаните, слабата опозиција, немањето мотив само по две години за нова промена или, пак, до граѓаните не допреа пораките за забавениот пат на Македонија кон НАТО и кон ЕУ, стравот и заплашувањето да се излезе на избори... Големата власт носи и голема одговорност и Груевски многу брзо ќе се соочи со тоа.
Темна сенка на изборната еуфорија фрла и тоа што победата е натопена со црвена боја. Има премногу траги од крв кои не можат да се избришат. Изборниот процес, иако во најголемиот дел помина регуларно и без поголеми проблеми, сепак, во еден дел беше спроведен со досега невидени насилства и изборни нерегуларности. Падна и една човечка жртва, дваесетина лица беа повредени, во над триесетина гласачки места изборите беа прекинати поради заплашување, полнење кутии, употреба на огнено оружје. Процентот на насилство не се мери со големината на изборните места, туку со интензитетот и безобѕирноста.
Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР вчера изрече остра оцена: клучните меѓународни стандарди не беа исполнети. Прв пат посматрачите вината директно ја лоцираат во албанскиот етникум поради „обидите насилно да се наруши изборниот процес и да се оневозможи волјата на избирачите“. И покрај тоа што ОБСЕ генерално констатира дека изборите се процедурално добро спроведени, не ја амнестира власта од одговорноста, затоа што не успеала да го спречи насилството. Во извештајот не се заборавени ни обидите за манипулација со опозицијата, преку внесување забуна со партиски двојници, ниту, пак, пристрасноста на медиумите кон владејачката коалиција, што се' заедно фрла сенка за сериозни нарушувања врз технички добро спроведените избори.
Изборната победа на Груевски ќе биде Пирова доколку власта не ги отстрани сите сомневања за нерегуларноста во изборните места со доминантно албанско население, како и за (со)учеството на полицијата во изборните неправилности. Тоа ќе биде можно само со поништување на изборните места со сериозни нарушувања, како и со обезбедување фер и чесно гласање, без страв и заплашувања. Но, и доколку до крај успее да ги казни виновниците за сите изборни инциденти, кои оставија многу грда слика за демократските капацитети на земјава во целина. Светот не го интересира дали виновникот е ДУИ или ДПА, туку сметката ја испорачува на адреса на Македонија. |