Брoj 2702  вторник, 03 јуни 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Контрапункт

Во 5 кај вртелешките!

Никола Гелевски

Да престанеме на општествените процеси да гледаме како на небески појави предодредени од некакви виши сили

На плоштадот Старо место во Прага се наоѓа еден јавен часовник кого што Чесите го нарекуваат орлој. Часовникот покажува часови, минути и секунди, како и месеци и денови; освен тоа, ги покажува положбите на Сонцето, Месечината и планетите на небото. Конструиран е 1490 година. Кога ќе избие часот, во прозорците на орлој се појавуваат разни фигури: мртовец, богаташ, апостолите, Христос, петел итн.

Македонскиот орлој во неделата работеше неуморно и трескавично, како камбанарија во услови на чума. Многу фигури излегоа на прозорчињата на големиот национален часовник. Мртовецот, богаташот и апостолите (кој во апостолки кој во владетелски одежди) – тие се неизбежни. Но тука беа и лавчињата (и кадифените и опасните), орелчињата (со и без канџи), канаринците, дебелиот папагал, рисот, волкот, мечката и пастрмката (комплет со полначот на животни, препараторот!), човекот од гума, брадестата девојка, фрлачот на ножеви, жонглерот, заканувачкиот туѓинец, скретничарот, машинистот, бродоломникот, шпионот, танчерскиот пар, исплашениот со ококорени очи, сатирот, пејачот, голата дама, џандарот, лажниот крал, писарот, роботот, вампирот, призракот...

Накусо, менажеријата набутана во македонскиот орлој е земена делумно од тунелот на стравот и ужасот, делумно од детската вртелешка со различни возила-фигури (еднорог, полициско комбе, брза помош, моторцикл итн.), а делумно е исхалуцинирана од кобајаги живото граѓанство што постојано се врти околу плоштадот Старо место (некогаш наречен „Стара Југославија, Нова Македонија“).

***

Зборот ми е: како граѓани мораме да престанеме на општествените процеси да гледаме како на небески појави предодредени од некакви виши сили. Изборите не се пророкување од утробите на животните, од летот на птиците или од камчиња фрлени во прашина! Изборите не се ниту неумоливиот „орлој“ чии фигури те потсетуваат на неизбежноста и цикличноста...

И покрај нашата склоност, значи, на политиката да гледаме фаталистички, треба да се каже: политиката не нуди вечни решенија ниту извесност по секоја цена. Политиката треба да биде цивилизирана, како и да цивилизира. Таа треба да биде такво решение на проблемот на поредокот кој попрво се определува за помирување и ускладување отколку за насилство и владеење на силата. Таа повеќе е стремеж за решавање на судирите отколку што е долгорочно решение.

Задачата пред нас не е да ги укинеме политичарите и политиката туку пред се’ да обезбедиме контрола над извршувањето на политиката и нејзино ограничување, со цел власта да не биде злоупотребена. Наместо да ја презираме и да ја прифаќаме политиката како судбина, мораме да се обидеме не само да се вклучуваме во политичкиот живот на заедницата, туку и да ги прошируваме подрачјата на политичкото.



Американскиот историчар од 19 век, Хенри Адамс, ја дефинираше политиката како „систематско организирање на омразата“. Тоа толку добро го чувствуваме и знаеме! Но, дел од одговорноста да не се мрази ни припаѓа и нам, на граѓаните. Да се биде храбар, да се спротиставува на неправдата и злото, да им се помага на послабите – тоа се еминентно политички чинови! Во едно поинакво, поцивилизирано разбирање на политиката, спротивставувањето на „систематското организирање на омразата“ исто така е политичка активност од највисок тип!

Кога нема никој друг, само на осамената граѓанска иницијатива и’ преостанува да повторува дека политиката на управување со државата не смее да се претвори во ситни политички пресметки помеѓу спротиставени политички табори и лидери. Дека е недозволиво за политички местенки да се злоупотребуваат медиумите, судството или полицијата. Дека политичарите не смеат да се служат со лажни ветувања за да ги придобијат масите и за да стекнат популарност на сметка на државната стабилност. Дека злоупотребата на емоциите на народот за политички цели и заради остварување на себични интереси е израз на најголема можна управувачка неспособност, нецивилизираност и неморалност.

***

На крај, за да не испадне дека ја игнорирам политичката класа, ќе спомнам некои мошне важни современи политички идеи на белгиската теоретичарка Шантал Муф. Разгледувајќи ја суштината на политиката, Муф прави клучна терминолошка разлика помеѓу агонизмот и антагонизмот. Агонизмот (кој доаѓа од старогрчкиот збор агон – натпреварување, борба) подразбира почитување на противникот. Тоа подразбира судир кој имплицира средба, откритие, сознание, промена – натпревар во кој е важно да се учествува и каде што и поразот може да биде почест. Според Муф, политиката пред се’ е дискурс на конфликтот и неговото разрешување не е во порекнувањето на несогласувањето, туку во можноста да го артикулираме она во што не се согласуваме.

Разликата помеѓу агонизмот и антагонизмот е заснована во односот спрема другиот. Во случај на антагонизам, соочени сме со релацијата пријател-непријател, при што непријателите речиси се лишени од легитимитет заради своето непријателство. Тоа не е демократско општество. Агонизмот, од друга страна, оваа нужна политичка поделба на ние и тие, ја конструира така што наместо непријатели имаме противници. Противниците споделуваат ист симболички простор, меѓу нив постои конфликтен консензус и тие се согласуваат околу основниот етичко-политички принцип, како треба да се организира општеството.

А што ако противникот е опасно нечесен или заканувачки откачен?! Тогаш му закажувате нова средба („Во 5 кај вртелешките!“) и чекате чудниот орлој да помине уште еден круг...

(Авторот е издавач)


Статијата е прочитана 1063 пати.

Испрати коментар

Од: nikola
Датум: 03.06.2008 10:47:54
Se cini deka, otsega pa natamu, prozorcite na makedonskiot orloj se povece ce gi krasat figurite na pasivnata, fatalistickata, beskonecnata melanholija i apatija. Uste edna vakva istoriska pobeda i nie definitivno ce izgubime.
Од: Ivan Andreski
Датум: 03.06.2008 12:34:40
Nikola, Toa sto go pisuvas e za umni ligje, ne e za budalicista
Од: RR:Visoka matematika
Датум: 03.06.2008 15:11:55
Vo onie 479 iljadi i kusur potokalovo skroeni i nastroeni dali kje se najde dvocifren broj shto mozhe da Ve sfati i ja prifati porakata od kolumnive.Daj ,Bozhe,bar na onie drugite da im se zgolemi brojot ,iako sledi period na Makartieviot lov na veshtici na primitiven makedonski nachin.Etabliranata struktura e na scena kako menazherijata od orloj,no ne otchukuva vreme ,tuku zachukuva i zapechatuva tragichni chovechki sudbini,podlozhni i na meta na raskrilenata slatka osveta na pobednicite.Toa e mentalniot kod i na sega zabludenite,koj kje ja kazhat povtorno onaa ista kletva kako po Ljubcho:Rakata da mi se isushi shto gi glasav,samo kje bide mnogu docna.Brzo kje bideme svedoci na lagata i paralagata so visoko platena cena za nashiot opstanok kako drzhava i narod.Toa napishtee go poprosto da Ve sfatat podlozhnite na partiskata propaganda od Protogjerovski tip so miris od istochniot crnomorski vetar.Do togash,srekjno vo iluziite za gornata brojka od blizu 500.000 nezrelii portokali.
Од: kolasin
Датум: 03.06.2008 15:41:33
Nikola za pretsedatel na SDSM. Ovoj covek e tolku demokrat kolku sto mu treba na SDSM, duri i poveke. Bashka e i upaten vo levata ideologija. Takvo mu e i potekloto. Uspeh.
Од: Alex
Датум: 03.06.2008 17:27:39
Edna pozitivna kritika za zurnalistov i komentatorive-Bravo sto ve ima vas Makedonija so takov IQ sto ovie 479 000 ne mozat da ve razberat.Bi vi postavil edno hipoteticko prasanje na site vas "logicari" ili ako sakate "misliteli":Dali ke go pisuvavte t.e komentiravte istiov ovoj tekst dokolku vasite "milenicinja"ke go dobieja pogolemiot del od izborniot kolach? Hmm-si mislam i si se cudam kolku subjektivizmot i samobendisanosta vo krajna mera se razbira,moze da bide ironicna i apaticna.Megjutoa-koj gubi ima pravo i da se luti neli?Za 250-260 000 glasovi ke bese VENI VIDI VICI za vas...Eeh sudbina.Ve molam utrinski za objavuvanje na komentarov

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Избори натопени со крв
Зденко
Трамвајот наречен желба
ДИК ја потврди победата на „портокаловата коалиција“
Влијателниот француски дизајнер замина во легендите
ЕУ разочарана од изборите во Македонија
Регионалната стабилност на коцка
Тачи зборува за слатка победа, а Ахмети за крвава свадба
Verbatim
Инфлацијата во мај 9,5 отсто?