Брoj 2702  вторник, 03 јуни 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Европа-Балкан

Регионалната стабилност на коцка

Иван Торов

Зошто Белград за кусо време забележливо ги влоши односите со Хрватска и со Словенија, но и со некои официјални лица на ЕУ

БЕЛГРАД - Некој во светот, надлежен за проценување на нивото на стабилноста на регионите, деновиве процени дека Балканот денес е едно од најбезбедните подрачја. Веројатно се мислело дека таму војни повеќе нема, а најверојатно и нема да ги има. Меѓутоа, колку и да им годи таа вест на балканските лидери, нејзината компетентност и валидност многу брзо беа доведени во прашање. Не само поради завчерашните вооружени (изборни) судири меѓу припадниците на албанските партии во северозападниот дел на Македонија и меѓу нив и полицијата, со што Македонија дополнително е турната на теренот на алармантна нестабилност, туку и поради забележливото влошување на односите на Србија со соседна Хрватска, но и со Словенија. Расплетот на последните „дипломатски инциденти“ ќе покаже колку фаленото затоплување на односите меѓу државите кои одиграа клучна улога во драмата на поранешниот југословенски простор, било втемелено врз реални и здрави факти. Поедноставно, дали Балканот навистина е стабилно подрачје и дали стигна до оние граници на стабилност кои му гарантираат дека трагичната историја од деведесеттите години нема да се повтори во каква било форма.

Прво, многу сериозно запна на релацијата Белград-Загреб. Непосреден повод беше почетокот на расправата пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, за тужбата на Хрватска против Србија (СРЈ) за извршен геноцид. Попрецизно, полемиката дали Хашкиот суд ќе се прогласи за (не)надлежен да поведе постапка. Меѓутоа, паралелно со таа правна акробатика, и Белград и Загреб како да покажуваат голем ентузијазам и по тој повод да разменат тешки обвиненија, па и закани. Меѓу нив е и белградската, дека, доколку Хрватска не ја повлече својата тужба, Србија ќе ја тужи Хрватска за геноцид извршен во Јасеновац, во НДХ.

И сето тоа можеби би поминало како уште едно, попатно, меѓусебно тренирање строгост, доколку набрзо не се случеше уште еден исклучително сериозен дипломатски курцшлус, кој се заканува да ги врати коректните српско-хрватски односи на самиот почеток. Користејќи ја приликата да зборува на Конференцијата на Јадранско-јонската иницијатива, српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, сред Загреб ја обвини Хрватска за етничко чистење на Србите во акцијата „Луња“ во 1995 година. „Дрскоста“ на Јеремиќ како гостин со не баш суптилно избрани зборови да потсетува на гревовите од военото минато на Хрватска и Србија, домаќинот не можеше да ја толерира и му одговори со официјален протест затоа што „регуларната ослободителна акција против српскиот агресор“ ја нарече „етничко чистење“. Со остри зборови реагираа и Месиќ и Санадер, но тоа не го поколеба младиот Јеремиќ се' што кажа во Загреб да го повтори неколку дена подоцна и во Белград, откривајќи ги притоа вистинските мотиви за својата реакција: тоа што Хрватска не се откажува од тужба од Хаг и што направила „неопростлив грев“ признавајќи го независно Косово. Како и да е, српско-��рватските односи, по низа години трпеливо подобрување, повторно се најдоа на надолна линија.

Видлива нервоза кај претставниците на Белград предизвика и истакнувањето на знамето на независно Косово во Европскиот парламент. Откако грчкиот дипломат, бранејќи ги интересите на Србија, не успеа да ја смени оваа одлука во дуелот со Дорис Пак, знамето остана да се виори, со што се создаде уште еден конфликт, овој пат на линијата Белград-Љубљана. На изјавата на шефот на словенечката дипломатија, Димитриј Рупел, дека добрососедските односи меѓу државите во регионот на Западен Балкан се „стартна основа“ за нивно приближување кон ЕУ, остро реагираше српскиот технички премиер Воислав Коштуница, повторувајќи дека е „апсолутно неприфатливо“ Србија да воспоставува добрососедски односи со „делот од својата територија“, Косово. Масло на огнот долеа и дополнителната изјава на Јелко Кацин, известувачот на Европскиот парламент за Србија, дека „со косовското знаме пред ЕП“, всушност, ЕУ практично го признала независно Косово. Веднаш потоа следуваше и реакција од Белград - вицепремиерот од Демократската партија на Тадиќ, Божидар Ѓелиќ, побара од Европскиот парламент едноставно да го смени Јелко Кацин, и покрај фактот дека Србија, со оглед на тоа што не е членка на ЕУ, не е во позиција да „ја уредува“ кадровската политика на Унијата.

Во одбрана на Кацин во Белград застана единствено Либерално-демократската партија на Чедомир Јовановиќ, кој ја повика владата на Србија веднаш да прекине со практиката на штетна надворешна политика и предизвикување конфликти со официјалните претставници на Европската унија. Барањето на Ѓелиќ за смена на Кацин, ЛДП го смета за продолжение на изолационистичката политика на Воислав Коштуница, која, судејќи по се', ја презеле и функционерите на ривалската Демократска партија, укажувајќи притоа дека придонесот на словенечкиот дипломат Србија конечно да ја потпише ССП со ЕУ, бил мошне значаен. Овој став на ЛДП и некои граѓански организации се совпадна со процените на повеќе аналитичари кои сметаат дека најновите спорови на Белград, пред се' на самиот шеф на државата и лидер на ДП, Борис Тадиќ, и неговите најблиски соработници (Ѓелиќ, Јеремиќ), со официјалните претставници на ЕУ и соседните држави, се дел од постизборната игра во Србија кој ќе ја формира идната српска влада. Од првобитниот „триумф“ на проевропските политички сили во меѓувреме не остана многу, освен амбицијата на Тадиќ да направи коалициски аранжман со Социјалистичката партија на Србија на Милошевиќ, за да спречи Србија, како и белградската метропола деновиве, да добие нациналистичка радикално-народњачка власт под команда на двајцата Воислави - Коштуница и Шешељ. Затоа од таборот на демократите пристигнуваат неодмерени изјави дека СПС е „идејно најблиска на ДП“, се нуди т.н. национално помирување на силите од пред и по 5 октомври, се амнестира политиката на Милошевиќ, а Тадиќ наскоро ќе мора да одговори и на ултимативните барања од СПС да прекине судското прогонство на членовите на семејството на Слободан Милошевиќ, а од затвор да се ослободи поранешниот директор на РТС, Драгољуб Милановиќ, кој одлежува казна поради намерно жртвување на група работници на РТС за време на бомбардирањето на државната телевизија. Се' со намера да избегне антиевропска влада или, пак, со новите избори да излезе од сегашната пат-позиција, Тадиќ веројатно и не забележа дека и самиот, со глорификација на нереформираната СПС, со влошување на односите со некои соседи, ја врати на сцена реториката на Слободан Милошевиќ од деведесеттите години.


Статијата е прочитана 635 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Избори натопени со крв
Зденко
Трамвајот наречен желба
ДИК ја потврди победата на „портокаловата коалиција“
Влијателниот француски дизајнер замина во легендите
ЕУ разочарана од изборите во Македонија
Во 5 кај вртелешките!
Тачи зборува за слатка победа, а Ахмети за крвава свадба
Verbatim
Инфлацијата во мај 9,5 отсто?