ИВ СЕН ЛОРAН
Влијателниот француски дизајнер замина во легендите
Во шеесеттите години на минатиот век во женската облека ги воведе сафари- стилот, костумот со панталони и неговиот заштитен знак – женскиот смокинг
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Нанси – Легендарниот моден креатор Ив Сен Лорaн почина во неделата во Париз по долго и тешко боледување на возраст од 71 година, шест години по повлекувањето од модните писти. „Неговото име ќе остане високо изрежано на пантеонот на модата заедно со името на Габриел Шанел. Шанел е симболот на првата половина на 20 век, другата половина ја симболизира Ив Сен Лорaн. Шанел им даде слобода на жените. Ив Сен Лорaн им даде власт. Тој ја напушти границата на естетиката за да навлезе во социјалната територија. Тој создаде дело со социјални достигнувања“, не штедеше на пофалбите за својот животен придружник Пјер Берже. Тие двајцата во 1961 година ја создадоа модната куќа „Ив Сен Лорaн“, симболизирана со испреплетените букви YSL, иницијалите на модниот гениј.
Ив Матјо-Сен Лорaн е роден во Оран на 1 август 1936 година во високо буржоаско семејство, а уште во најраната младост му се отвара патот кон успехот. Пристигнувајќи на 17-годишна возраст во Париз, тој победува на конкурсот на Меѓународниот секретаријат за волна, заедно со еден млад Германец, чие име исто така стана едно од најголемите во светот – Карл Лагерфелд. Почетоците во високата мода Ив Сен Лорaн ги има кај Кристијан Диор, еден од најпознатите повоени модни креатори. Предвремената смрт на иноваторот на New-Look го носи на местото на уметнички директор на модната куќа „Диор“ на крајот од педесеттите години на минатиот век. Сензационалната линија „Трапез“, која претставува прекин со модните кодекси од тоа време, претставена на 30 јануари 1958 година, е неговиот прв успех. Само малку време потоа се среќава со Пјер Берж, деловен човек шест години постар од него, со кого ја создаде неговата модна куќа под едноставното име „Ив Сен Лорaн“.
Следуваат неколку децении на неоспорно владеење во женската облека, придонесувајќи за нејзината еманципација, инспирирајќи се од машката гардероба и боите од детството поминато во Алжир, патувањата и палетите на славните сликари. Во шеесеттите години на минатиот век во женската облека ги воведува сафари-стилот, костумот со панталони, муслинскиот проѕирен фустан и неговиот заштитен знак – женскиот смокинг.
Неговите колекции, како што се африканската, кинеската или мароканската, имаат голем успех, во 1976 година руската колекција инспирирана од рускиот балет од специјализираниот печат е наречена вистинска револуција, па и самиот Ив Сен Лорaн мислеше дека „таа можеби е најубавата“.
На колекциите на Ив Сен Лорaн инспирирани од Пикасо, Ван Гог, Брак, Матис денес можеме да им се восхитуваме во фондацијата „Пјер Берже - Ив Сен Лорaн“, која се наоѓа во просториите на нивната поранешна модна куќа во петнаесеттиот париски арондисман.
Ив Сен Лорaн беше пасиониран и од другите уметности, како што се операта, театарот, литературата, замислува бижутерија заедно со својата пријателка Лулу де ла Фал��з, изработува декори и костуми за театарски и оперски претстави и спектакли за високото општество. Од парфемите лансирани од неговата модна куќа сигурно еден од најпознатите е „опиум“.
Како претставник на авангардата во модата, тој го воведе прет-а-порте во луксузната мода, отворајќи ја првата продавница на левиот брег во Париз во 1966 година.
Во 2002 година се простува со модата, организирајќи го последното модно дефиле во Бобург, поздравувајќи се со толпата народ опколен со десетина манекени, меѓу кои и славната француска актерка Катрин Денев облечена во црн смокинг.
Но, како и што самиот Ив Сен Лорaн велеше, „најубавата облека за една жена е прегратката од тој што ја сака“, а тој ги облекува само тие на кои таа прегратка им недостасува. Како голем љубител на Пруст, тој сметаше дека најголема опасност за човекот е осаменоста. Денес модата а la franзaise се чувствува осамено без својот генијалец, чиј стил ќе остане вечно присутен во аналите не само на француската туку и на светската мода.
Контроверзии
Кариерата на Ив Сен Лорaн не беше без контроверзии. Во 1971 година колекцијата осмислена од стиловите во Париз во Втората светска војна беше критикувана од некои американски критичари, а неговиот излез на пазарот со парфемот „опиум“ во седумдесеттите години на минатиот век му донесе обвинувања дека му било простена злоупотребата на дрога.
Многустраност
За неговиот колега - дизајнерот Кристијан Лакроа, причина за успехот на Сен Лорaн е неговата запрепастувачка многустраност. Како што вели Лакроа, имало и други одлични креатори, но ниту еден не бил од негов ранг. „Шанел, Шипарели, Баленсијага и Диор - сите креираа извонредни парчиња. Но, тие работеа во рамките на еден специфичен стил“, објаснува тој. „Ив Сен Лорaн е многу поприспособлив, како комбинација на сите нив“.
Депресија
Во последните години депресијата што го следеше целиот негов живот стана неподнослива, а на прошталната забава во 2002 година Сен Лорaн призна дека прибегнувал кон „оние лажни пријатели со средства за смирување и наркотици“. (АФП) |