Чарлиз Терон ги засени Џорџ Клуни и Бред Пит
Прекрасната холивудска актерка донесе свежина и етеричност во Венеција, но и филмот „Запалена ливада“, кој веќе се смета за фаворит
Сунчица Уневска
По бомбастичното отворање на годинешниот Венециски филмски фестивал, најмногу заради присуството на Бред Пит и Џорџ Клуни, кои беа во фокусот на вниманието првите неколку дена, на Лидо пристигна Чарлиз Терон која, како што велат присутните, успеа да ги засени. Тоа и не е чудно ако се погледнат сликите на Чарлиз Терон од фотосесијата во Венеција и од свечената премиера на филмот „Запалена ливада“, во кој таа игра главна улога заедно со уште една холивудска убавица, Ким Бесинџер. Имено, Терон навистина изгледа преубаво, носејќи свежина и етеричност на црвениот килим пред големата сала „Гранде“, но и стил и елеганција. Освен тоа, филмот во кој таа игра новинарите веќе го прогласија за еден од фаворитите, што исто така дополнително го зголеми интересирањето.
Но, да се вратиме малку назад. Џорџ Клуни и Бред Пит беа навистина добар избор за отворањето. Тие донесоа атракција и ги привлекоа фановите загревајќи ја атмосферата со своето однесување, со своите шеговити и провокативни одговори. Сето тоа ги полнеше новинските извештаи неколку дена, со што Венеција направи полн погодок вртејќи го целосно вниманието на она што се случува на Лидо, но и подгревајќи ги очекувањата. И иако филмот на отворањето „Да се запали по читање“ во кој тие играат главни улоги, не ги оправда очекувањата, сепак, како што пренесуваат присутните, тој бил испратен со голем аплауз, а прес конференцијата била преполна. На пресот авторите на филмот, браќата Коен, изјавиле дека за првпат се занимавале со шпионска приказна, но дека најважно им било да напишат улоги токму за Џорџ Клуни и за Бред Пит. Велат дека тоа се чувствувало во филмот, кој веќе го прогласија за меинстрим и за нешто сосем поразлично од нивните претходни остварувања. Во Венеција беа и Френсис Мекдорманд и Тилда Свинтон, но не и Џон Малкович, чија улога беше издвоена и кој за првпат работеше со браќата Коен.
Како и да е, но „Да се запали по читање“ и неговите протагонисти ја запалија атмосферата, која продолжува во истиот стил. Дури и подобро, бидејќи Чарлиз Терон и авторот на филмот „Запалена ливада“, Гилјермо Аријага, го донесоа и едното и другото. Аријага е познат и наградуван како сценарист на „21 грам“, „Љубовта е кучка��� и „Вавилон“, па затоа и од ова негово режисерско деби се очекуваше многу. Но, како што пренесуваат медиумите, тој и ги оправдал очекувањата. „Запалена ливада“ има исто како и претходните филмови мозаична структура, која ги поврзува луѓето, судбините, местата и времињата низ една приказна за семејните тајни, неверството, убиството и одмаздата. Чарлиз Терон и веќе повозрасната Ким Бесинџер играат мајка и ќерка, заплеткани во вителот на лаги, незадоволство и несреќа.
Во Венеција не дојде Ким Бесинџер, но затоа се појави Чарлиз Терон во прекрасно издание. И не само тоа, туку Терон била исклучително расположена да дава и автограми, а и да се слика со своите обожаватели. Филмот на Аријага веќе е меѓу фаворитите, па се разбира, се очекуваат и награди, кои ќе бидат познати на 6 септември.
Меѓу фаворитите, иако е доста рано да се зборува, веднаш е прогласен и „Ахил и желката“, новиот филм на јапонскиот режисер Такеши Китано („Кикуџиро“, „Затоичи“, „Кукли“, „Хана-би“). Китано досега е два пати наградуван во Венеција, а овој филм е всушност завршница на трилогијата посветена на уметничките творци. „Ахил и желката“ се осврнува на сликарството, а тој во филмот го следи патот на една млада уметница која трага по својот израз. На прес-конференцијата Китано за својот филм рекол дека тоа е полемика со современото воспитување и дека уметничките амбиции се преценети.
Од другите настани ќе го издвоиме документарниот филм за една од легендите на високата мода, „Валентино - последен цар“. Овој филм кој се осврнува на 45-годишната работа на Валентино, го работел дописникот на „Венити фер“, Мат Тирнауер, и тоа цели две години. Тој се обидува да ја долови целата мистерија околу неговата империја, која и по толку години го носи истиот ореол. Самиот Валентино рекол дека фасцинацијата со високата мода нема никогаш да помине бидејќи има многу кои сакаат да се дел од сонот за неа.
Инаку, организаторите на фестивалот се досетија и како поинаку можат да го искористат присуството на славните. Имено, тие собираат нивни отпечатоци во глина, кои потоа ќе бидат понудени на аукција. Собраните средства се наменети за реставрација на познатиот венециски плоштад „Св. Марко“. Совршена идеја, ем корисна, ем примамлива за ѕвездите, кои ќе имаат чувство дека втиснале дел од себе во еден од најстарите и најубави европски градови.
|