„Јас сум од Титов Велес“ во трка за номинација за европски „Оскар“
Македонскиот филм „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Митевска влезе во селекцијата за номинации на Европската филмска академија за големата европска награда, која се смета за пандан на „Оскарот“, а се доделува во почетокот на декември. Оваа година овие награди ќе се доделуваат 21. пат, а свечената церемонија ќе се одржи на 6 декември во Копенхаген. „Јас сум од Титов Велес“ е селектиран од страна на членовите на бордот на ЕФА, кои ја прават подоцна и конечната листа на номинации, која традиционално се објавува во почетокот на октомври на фестивалот во Севилја, Шпанија. А за наградите одлучуваат сите 1.700 члена на Европската филмска академија.
Филмот „Јас сум од Титов Велес“, како што известува дистрибутерот „Манаки филм“, досега учествуваше на 40 филмски фестивали низ светот, каде што освои над десетина награди. Почнувајќи од фестивалот во Сараево, каде што ја доби Специјалната награда на жирито, па во Битола каде што се закити со „Сребрена камера 300“, а беше награден и во Братислава, Валенсија, Букурешт, Лече. Овој филм на Теона Митевска, а во продукција на Лабина Митевска, е продаден во голем број европски земји, а неговата голема американска дистрибуција започнува во почетокот на следната година. (С.У.) |