Димковска, Маџиров и Смилевски на книжевни престои во светот
Младите македонски писатели Лидија Димковска, Никола Маџиров и Гоце Смилевски на покана на високи меѓународни институции, се наоѓаат на книжевни престои во Германија, САД и Холандија.
Лидија Димковска е во Берлин како прв македонски писател во една од најпрестижните германски книжевни институции. Станува збор за Литерарише Колоквиум, каде минатиот месец имаше книжевна вечер на која беа презентирани нејзини песни претходно објавени на германски јазик во книжевното списание „Манускриште“ од Австрија, во превод на Александар Сицман.
Никола Маџиров престојува на Универзитетот на Ајова во САД, како учесник на Меѓународната книжевна програма која до сега ја посетиле повеќе светски автори, меѓу кои и Орхан Памук, Беи Дао и Давид Албахари. Во текот на тримесечниот престој, Маџиров планира да одржи предавања и читања во Ајова Сити, Остин, Чикаго и Њујорк, а ќе настапи и на престижниот Поетски-џез концерт во Питсбург, заедно со композиторот и саксофонистот Оливер Лејк, соработник на Бјорк и Лу Рид.
Гоце Смилевски од август до октомври годинава е гостин на Холандската фондација за книжевност, а во рамките на манифестацијата Амстердам-светска метропола на книгата во 2008 година. Во текот на престојот во Холандија, Смилевски ќе одржи предавања и читања на Универзитетот во Амстердам и во Националната библиотека во главниот град на Холандија. Смилевски, исто така ќе врши и истражувања на Катедрата по славистика на Универзитетот во Гронинген, чиј примарен интерес се балканските книжевности.
Димковска, Маџиров и Смилевски се автори кои и припаѓаат на генерацијата македонски писатели родени во седумдесеттите години. За своите дела тие се добитници на домашни и меѓународни книжевни признанија, а нивното творештво е преведувано на повеќе јазици. (Н.П.) |