Анонимно ќе се оценуваат делителите на правда
Преку анонимна анкета вработените ќе ја оценуваат работата на судиите што конкурираат во повисоки судови. Дактилографи, секретарки, судска полиција... сите, освен нивните колеги судии, ќе се изјаснуваат каков е односот на судијата, дали е подложен на мито и корупција, како и за низа други работи содржани во прашалникот.
Анкетирањето почнува од денеска, а се однесува на оние судови за кои во моментов е распишан оглас и се пријавени кандидати. Во рамките на секој суд ќе биде формирана комисија што ќе го спроведе анкетирањето, а потоа собраните прашалници ќе бидат доставени до Судскиот совет.
Како што појаснуваат од Судскиот совет, оваа новина прв пат се воведува со измените на законската регулатива, каде што е предвидено да се прибави мислење од колегиумот на матичниот суд, но и резултати од анонимна анкета од вработените.
Ваквата новина предизвика голема недоумица во судството. Претседателите на судовите се чудат како да ја спроведат анкетата, вработените се скептични, бидејќи се прашуваат каква е таа анкета кога секој од нив е евидентиран во список и има број. ��, најскептични се судиите, кои не кријат дека не им е право тоа што на таков начин се проверува нивното однесување кон вработените и странките.
Од Судскиот совет уверуваат дека тоа нема да биде клучен критериум при изборот, туку дополнителен услов. Велат дека првенствено ќе се ценат резултатите од работата, но во одредени ситуации, кога има изедначени резултати, ќе „пресудат“ сондираните мислења од вработените.
„Во судовите точно се знае кој каков е и како работи. Замислете, на пример, ако осумдесет отсто од вработените кажат исто за некој судија, зарем тоа нема да биде доволен индикатор за неговото однесување“, велат од Судскиот совет. (Г.Д.) |