Нашите ќе се спасуваат преку воздух и вода
Неколку амбасади во регионот работат на извлекувањето на нашите граѓани од либискиот пекол
Македонија бара начин преку воздух или преку вода да ги извлече македонските граѓани од Либија, бидејќи земјата западна во хаос и прашање на време е кога евакуацијата ќе стане невозможна. На извлекувањето работат неколку македонски амбасади во регионот, а се одржа и состанок на конзуларно ниво со неколку земји, со цел заеднички да се извадат граѓаните од либискиот пекол. Вклучени се амбасадите на Македонија во Белград, Софија, Загреб, Анкара и Рим, а координацијата во Скопје ја прават нивните конзули. Бројката на македонските граѓани што се во Либија се' уште не е позната, но од Министерството имаат сознанија дека засега нема загинати меѓу нив и дека се безбедни, колку што дозволува ситуацијата.
Станува збор, главно, за градежни работници, а за повеќе и повратни информации МНР вчера отвори и 24-часовна телефонска линија. Нашите граѓани во Бенгази, заедно со останатите странци, биле собрани на локален стадион за да бидат заеднички заштитени, додека МНР на оние што се во своите домови во источниот дел на земјата им препорачува да не излегуваат воопшто. За нив се бара посебен начин за евакуација, бидејќи аеродромот во Бенгази е затворен, според новинските агенции, бидејќи биле разурнати сите писти за полетување. Аеродромот во Триполи се' уште е во употреба и на него вчера слетуваа авиони исклучиво заради евакуација на странските државјани, во најголем број од Египет, но и од други земји. Практично, странците масовно бегаат од Либија, а евакуацијата се врши вонредно, со воени летови или специјални летови организирани од државите, додека некои земји, како што се Холандија и Турција, ќе ги евакуираат граѓаните и по морски пат, со бродови.
Според сознанијата на МНР, македонски граѓани нема само околу Бенгази, туку и во други делови на земјата, поточно во реоните на Ај Бејда, Дерна, Тобурк и Ал Марж, каде што контролата е преземена од страна на локалните власти, кои се противат на владејачкиот режим, но и во Триполи и во околината. МНР извести дека патувањето кон главниот град по копно е ризично и не се препорачува без сигурносни мерки. Голема е веројатноста, исто така, властите во Либија да воведат ограничување на движењето, па се препорачува македонските граѓани, ако може, да почнат сами да ја напуштаат државата со редовните летови кон Европа, додека на граѓаните во Македонија им се препорачува да не патуваат воопшто во Либија. Кој ќе плати за евакуацијата, сега не е проблем што се поставува, бидејќи ситуацијата е ургентна, а летовите со кои ќе се прави таа не се комерцијални, како во случајот со Египет, туку воени или специјално организирани од државите. (С.Ј.)
|