Отишол по мајонез и не се вратил
Две недели трае неизвесноста во семејството Ангелески по исчезнувањето на 15-годишниот Дарко
Горан Адамовски
Средношколецот бил облечен во сив блузон со ќулавка, долни зелени тренерки и патики. Доколку го видел некој, нека се јави во најблиската полициска станица или на бројот 070/742-439
Отишол по мајонез и не се вратил. Веќе 13 дена трае неизвесноста во семејството Ангелески во скопската населба Илинден откако 15-годишниот Дарко исчезна во близина на семејниот дом. Каде заминал, дали некој го грабнал, дали е здрав и жив, каква врска има тепачката во која учествувал само еден ден пред да исчезне или, пак, можеби виновникот треба да се бара во црниот џип што постојано врвел низ Илинден и од кој Дарко имал уплав...
Ова се прашањата со кои мајката, таткото, трите поголеми сестри, помалиот брат и големиот број роднини си ги поставуваат секојдневно. Постојано чекајќи абер од полицијата или од некој што го видел нивниот Дарко, седат во собата од трошната куќа каде што се греат на шпорет со дрва.
„Душа веќе немаме, неизвесноста не' убива“, вели првиот братучед на Дарко, Бобан, кој живее во соседната куќа.
Мајката на Дарко, Лиле Ангелеска, е невработена. Таткото работи, најмалиот син е во шесто одделение, а имаат и три ќерки. Живеат сиромашно, но чесно, не се замериле со никого и како што велат, не можат да си објаснат зошто им се случува сево ова.
За Дарко велат дека бил мирно дете. Бил ученик во втора година во АСУЦ. Учењето не му одело како што треба, но бил многу вреден. Иако за два месеца требало да наполни 16 години, тој честопати подработувал на разни места за да заработи некој денар. И сега помагал во блиската кафеана.
„Ние му дававме колку што можеме, но тој самиот си заработуваше за да си купи патики, облека. Лани една недела работеше во Крива Паланка. Ни кажа дека ќе оди таму да работи и замина. Знаевме каде е“, вели мајка му Лиле. Дарко честопати знаел да мине цел викенд кај своите другари, а дома да се врати по понеделничкиот училиштен ден. Токму затоа, кога исчезнал во предминатиот петок, родителите не биле премногу загрижени.
„Сега кога размислувам, гледам дека многу работи ми укажуваа дека нешто не е во ред“, раскажува Лиле.
Дарко во петокот попладне се вратил од училиште. Дошол дома, се преслекол и ја прашал мајка си каде се подготвува. „Му реков дека ќе одам кај татко ми во Бучинце. Тој ми рече да одам и да останам таму неколку дена. Ми беше чудно зошто ме брка. Рече дека ќе оди да купи мајонез во блиската продавница. Ме чекаше да заминам“, вели потресената мајка.
Околу 15 часот неколкумина од соседите го забележале момчето и го прашале каде ќе оди. На некои им велел до продавница, а на некои дека ќе оди на работа во кафеаната. Но, во продавницата не влегол, а последен пат бил забележан во 18 часот во близина на кошаркарското игралиште, оддалечено стотина метри од семејниот дом.
„Веројатно отишол во интернет-клубот и тогаш тргнал накај дома“, вели братучедот Бобан. Оттогаш му се губи трагата. Едно од момчињата во соседството тврди дека го видел Дарко како влегува во автомобил. Но, семејството смета дека тоа се само гласишта што не се потврдени ниту од полицијата. Три дена семејството не го пријавиле случајот во полиција. Мислеле дека и овој пат Дарко ќе се врати дома.
„Се подготвуваше да оди да се тетовира во Кратово кај другарот и затоа мислевме дека викендов заминал таму, иако имаше закажано за идниот петок. Затоа и не го баравме, ама јас трите ноќи во Бучинце само на него мислев, имав претчувство дека нешто не е во ред“, се присетува мајката.
Момчето од Кратово целиот викенд го минало кај тетка му во Трубарево. Во понеделникот кога Дарко не се вратил дома, случајот го пријавиле во полиција. Заминале и во телевизија, да замолат да буде пуштена негова фотографија и да се апелира за помош.
„Само една секунда откако сликата беше пуштена, добивме јавување од момче од Свети Николе. Ни рече дека го видел нашиот Дарко со уште едно дете во казино во Штип и дека од него побарале 100 денари. Точно го опиша како бил облечен Дарко, дури и рече дека е малку покрупен отколку на сликата, што беше вистина“, вели Бобан. Веднаш се упатиле за Штип. Контактирале со човекот од Свети Николе, а ја алармирале и полицијата во Штип. Кога сакале да влезат во казиното, полицајците им рекле дека тие ќе завршат работа. Влегле внатре, но набргу излегле и им рекле дека Дарко не бил во казиното.
„А келнерките преку други луѓе рекоа дека Дарко бил внатре два дена“, тврдат блиските на момчето. Тоа е последната информација што ја добиле. Изминативе неколку дена имале две јавувања на бројот 070/742-439, кој служи за контакт доколку некој го видел Дарко, но јавувачот само молчел.
„Сестра ми му рече да ни каже се' што знае, но тој само молчеше“, вели една од сестрите на Дарко. Бројот бил прикриен, поради што и полицијата не успеала да го дешифрира.
Но, кој има врска со исчезнувањето на Дарко? Семејството се сомнева дека можеби има врска тепачката во која учествувал тој само еден ден пред да исчезне. Наводно, детето од Кадино, со кое се степал, имал „опасен“ татко. Оваа варијанта, сепак, им изгледа помалку вер��јатна.
„Црниот џип без регистрација што кружи низ Илинден и околните села веќе една година е мамката“, се сомнева братучедот Бобан.
Како што велат, џипот постојано барал жртви, наводно, пред неколку дена во Кадино било грабнато дете, но селаните набргу забележале, ќе го линчувале возилото и луѓето внатре, по што детето било пуштено.
„Од него Дарко имаше уплав. Уште од лани го бркаа, тој ќе дојдеше дома, не можеше здив да земе од страв. Велеше ‘мамо, ме бркаат во џипот, сакаат да ме земат‘. Си го поврзувам тоа со ланските исчезнувања на трите мали деца. После, нели, стивна работата, џипот го снема, ама сега пак се појави“, се јадосува мајката.
Дека Дарко сам не ја напуштил семејната куќа, најмногу упатува фактот што ја оставил на масата училишната тетратка, во која ги оставил своите 2.600 денари, парфем и алка. Не ги обул ниту новите патики. Неговите сакаат само да слушнат дека тој е жив и здрав, па макар и да не врати дома ако самиот заминал. Сакаат на полициското вообичаено „истрагата продолжува“ да му дојде крајот. |