Интернет-билети за крш возови
За нови локомотиви и вагони се потребни инвестиции од 50 милиони евра
Сања Наумовска
Наместо да се оди на Железничка станица за да се купи билет за некоја дестинација, наскоро тоа ќе може да се прави од дома, од фотелја, преку Интернет. Резервациите ќе се прават и ќе се плаќаат преку новата веб-страница на „Македонски железници - Транспорт“, која моментно се изработува, па ќе нема потреба патниците на станица да се маткаат со шалтерските работници, туку ќе отидат на станица и директно ќе си се сместат во вагоните. Преку веб-страницата на „МЖ - Транспорт“ ќе се добие информација лесно и брзо за секоја дестинација во Европа, за цената на билетот, времетраењето и маршрутата на патувањето.
Со интернет-билетите за воз патниците од Македонија ќе добијат нова услуга што одамна е секојдневје во Европа. Сепак, и покрај новиот начин за купување возни билети, останува фактот дека и во следните неколку години патниците ќе се возат во стари возови. Истрошени и нечисти локомотивите и вагоните стари и по пет децении се единствениот избор за тие што сакаат да патуваат со воз. Во нив се фрла ѓубре, се пуши, а покрај луѓето, чести патници се и животните. Староста на македонските возови го ограничува нивното движење во границите на Балканот, бидејќи не ги исполнуваат европските стандарди.
„За поместување од мртва точка на Железницата се потребни најмалку 50 милиони евра“, нагласува директорот на „МЖ - Транспорт3, Оливер Деркоски.
Во железничкиот сообраќај нема сериозна инвестиција со децении, а резултат е лошата слика на ’рѓосани возови, распаднати седишта, заглавени прозорци. За набавка на нови локомотиви и вагони, акционерското друштво моментно нема пари, па затоа планира реконструкција на старите триесетина патнички вагони.
„Иако одамна го извозеле своето, освежувањето ќе биде добредојдено и за патниците и за компанијата. Првиот обновен вагон на македонските шини ќе може да се види уште напролет, а потоа и другите 29 вагони“, оптимисти се во „МЖ - Транспорт“. Во нив ќе се воспостави ред, ќе се резервираат седиштата, а на деловната линија од Битола до Скопје ќе се служи пијалак и ќе се читаат весници. Се планира и кампања за зголемување на хигиената и ангажирање на нови вработени што ќе чистат и за време на патувањата.
„Од вагоните ќе се извадат купеата и ќе се стават нови седишта. Со отворањето на просторот очекуваме и да се зголеми чистотата, бидејќи досега патниците, користејќи ја интимноста на купето, без да размислуваат го оставаа ѓубрето во возот“, вели Деркоски, нагласувајќи дека во обновените вагони ќе има нов систем за климатизација и вакуум-тоалети, како што налагаат европските стандарди во железничкиот сообраќај.
Во следните пет години ќе се купуваат и нови локомотиви и вагони, планираат во „МЖ - Транспорт“. За да се задоволат потребите на 1,5 милиони патници што ги користат услугите на железницата годишно, компанијата мора да инвестира во пет нови локомотиви од кои секоја чини меѓу 4 и 5 милиони евра. Исто толку е цената на една гарнитура од 4 вагони со два погона за влечење. За да се обезбедат пари за инвестирање, компанијата очекува помош од Владата, а ќе се бараат и други извори на финансирање.
„Од 2005 година се спроведува проект со кредит од Светската банка за набавка на 36 нови товарни вагони и за реконструкција на 6 локомотиви, во вредност од околу 8 милиони евра“, вели Деркоски, нагласувајќи дека мора да се модернизира и превозот на патници иако не е профитабилен како товарниот сообраќај. „’МЖ - Транспорт’ мора да фати чекор со европските текови пред да се случи либерализацијата на пазарот и влегувањето на конкуренцијата во железничкиот транспорт на патници“, потенцира Деркоски. |