ЕДИТОРИЈАЛ
Тендер по тендер, инвеститори аш
Маја Томиќ
Покажаната желба и многуте оптимистички најави и ветувања на Владата за странски инвестиции се покажаа како недоволни за да го разбудат интересот на инвеститорите. И кај оние вообичаените, и на тие што треба да конкурираат на тендери.
Посебно никако не може да и' тргне на власта со капиталните тендери во енергетиката. Се распишуваат тендери, па се пролонгираат роковите по неколку пати, потоа се стопираат, па пак се објавуваат нови и се' почнува од почеток ... и така со години, истото па истото, од тендерските математики никако да излезе било каков резултат.
Само што дојде на власт владејачката гарнитура го поништи тендерот за продажба на ТЕЦ „Неготино“, ги промени набрзина тендерските правила за да ја исфрли од игра ЕВН и воведе нови за да ја вклучи во игра бугарската „Хач“. По некој месец, по низа перипетии, реши да не го продава објектот на инвеститори и тој да остане во државни раце. На крајот на 2006 година го поништи тековниот тендер за ХЕЦ „Чебрен“ и за „Галиште“ и реши да објави нов, поради „некои отстапувања во документацијата“. По неколку продолжени рокови, деновиве и тој тендер доживеа фијаско, а беше очекувана и најавуван како најголема инвестиција во земјава, тешка околу 600 милиони евра. Во меѓувреме, во изминатите години се пролонгираа по неколку пати роковите за тендерот за ХЕЦ „Бошков Мост“ затоа што немаше ниту еден заинтересиран инвеститор. На крајот кај Владата падна одлука да не објавува тендер и централата да ја градиме сами со пари од Светска банка. Остана без никаков резултат и тендерот за 12 централи на Вардар, т.н „Вардарска долина“, за што Владата молчи и не кажува како и дали ќе оди натаму. И продажбата на загубарите по неколку неуспешни тендери пак доживеа пропаст. Ќе се распишува нов тендер, а тоа значи дека продолжува неизвесноста што ќе се прави со овие фирми што трупаат загуби.
Кои се причините што не ни оди од рака со тендерите? Дали инвеститорите ги одвраќа лошо подготвената документација или неиздржаните барања што не им гарантираат сигурност и добивка или, пак, честите промени на условите и збунувачките пролонгирања на роковите. Јавноста остана без објаснување.
Очигледно, пропустите се на наша страна затоа што се виде дека ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“ се примамливи инвестиции. За нив се фатија уште пред неколку години реномираните РВЕ, ЕНЕЛ и „Вербунт“. Свесна за своите пропусти со тендерите, иако никогаш не ги призна, Владата лани реши да не се обидува повеќе сама и да ангажира странски консултанти. ИФЦ и „Бул Брокерс“ и „Делоит и туш“ требаа да ги стокмат тендерите за загубарите и за „Чебрен“ и „Галиште“, за чии услуги се дадоа околу 800 илјади евра од државната каса. Но, попусто. И тоа не даде резултати. И повторно Владата молчи и не кажува каде е вината.
А, инвестициите во енергетиката ни се повеќе од неопходни поради лошата енергетска ситуација од една страна, и се' поголемите апетити за струја во стопанството од друга страна. Она што е најважно, новите капацитети ќе значат и помал увоз на струја за што се трошат огромни пари. Годишно се плаќаат по околу 50 милиони евра за увоз на електрична енергија за задоволување на 30 отсто од потребите за струја. Експертите одамна апелираат дека се пет минути до 12 часот за нови инвестиции во енергетиката, не за обновување на старите, туку за изградба на нови објекти. Тоа треба да биде што побргу, ако се има предвид дека за изградбата и за пуштање во работа на една централа со среден капацитет се потребни најмалку 5 години. Дали Македонија има време за чекање или за неколку години ќе се соочиме со таков недостиг од струја од кој нема да можеме никако да најдеме излез. Дали при вакви состојби, треба да има уште простор за вртење во круг и за тендерски игри од типот пиши - распиши, пролонгирај, измени. Прашањето е излишно. На крајот да потсетиме, последната енергетска инвестиција во последниве 20 години е ХЕЦ „Козјак“, која се пушти во употреба пред 6 години и е со мала моќност од 50 мегавати.
|