Клајстерс објави дека сака да му се врати на тенисот
Поранешниот светски рекет број еден во женскиот тенис, Ким Клајстерс, потврди дека ќе се реактивира.
„Побарав вајл-кард за Синсинати, за Торонто и за Ју-Ес опен. Тоа е се' во моментов. Сакам да видам дали се' уште можам да го правам тоа“, изјави Белгијката на прес-конференција во својот дом во Бри. Клајстерс (25) се повлече во мај 2007, пред да се омажи за кошаркарот Брајан Линч и да роди ќерка. Последниве недели таа тренира во тенискиот центар во Бри, гратче северно од Брисел.
Победничката на Отвореното првенство на САД во 2005 има освоено 34 турнири и помина 19 седмици на врвот на ВТА-листата. Минатата недела објави дека ќе учествува на „Ворлд тим тенис“ што ќе се одржи кон крајот на годинава во САД, а ќе биде дел и од специјално натпреварување во Вимблдон во мај, покрај Штефи Граф, Андре Агаси и Тим Хенман.
Организаторот на Ју-Ес опен веќе соопшти дека ќе и' додели покана за последниот гренд-слем во сезоната.
„Кога почнав да се подготвувам за мечот со Граф во Вимблдон, ми се појави ова чувство. Посакав нов предизвик. Засега на ова гледам како на забава, пред да видам дали можам да играм“, објаснува таа. |